/ Прочитано:

1.483

Девизниот прилив од туризмот бележи раст – најавени бројни новини за туристичка промоција

Девизниот прилив во првиот квартал на 2018 година, остварен по основ туризам бележи раст од 26,5%. Туристите во првите три месеци од оваа година потрошиле 64,71 милиони американски долари на патувања во Македонија, што е за 26,5% повеќе во споредба со истиот период претходната година.

Континуираното зголемување на девизниот прилив од туризам во последниве години се должи на мерките и активностите кои беа преземени изминативе неколку години од целиот туристички сектор во земјава, истакнаа денеска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

Очекувањата се дека 2018 година ќе заврши со прилив до 24 милијарди денари, посета на 1,2 милиони туристи и реализирани 3,2 милиони ноќевања, изјави на денешната прес- конференција  директорот на АППТРМ, Љупчо Јаневски.

Покрај растот на девизниот прилив по основ туризам, раст бележи и бројот на посети од домашни и странски туристи за 15,1% во првите пет месеци на 2018 година во споредба со истиот период во 2017 година. Бројот на домашни туристи расте за 7,8%, додека кај странските гости е во пораст за 19% во истиот период. Овој тренд е проследен и со пораст во бројот на ноќевања остварени во Македонија (13,6%) во периодот јануари – мај 2018 година, во споредба со истиот период лани.

На денешниот настан се презентираа идните проекти и активности кои ќе се реализираат, помеѓу кои и менувањето на концептот на промоција со  ставање акцент на онлајн рекламирањето, ребрендирање на страницата „Macedonia timeless“, како и подготовка на туристички пасош во форма на брошура, дополнет со мобилна апликација во која може да се најдат корисни информации за туристичките потенцијали на Македонија.

Агенцијата, додаде Јаневски, лансираше и нова едиција водичи за поквалитетна промоција со која се опфатени регионите, манастирите, препознатливите производи, локалитетите, отоманските споменици, објектите и настаните во земјава.

Меѓу промотивните материјали е и брошурата за храната и виното во Македонија „Story telling” чија цел е изработка на гастрономски водич за македонската кујна преку искуства, локални специјалитети и промоција на традиционални рецепти. Се подготвува и генерална брошура „Македонија, неоткриено туристичко богатство”.

М.В