/ Прочитано:

8.125

ДИЦ ги соопшти резултатите од државната матура: Средната оценка од екстерните испити е 3.39

ДИЦ информира дека средната оценка на успехот од екстерните испити е 3.39, а резултатите денеска веќе се објавени во сите средни училишта, како и на страницата: matura.gov.mk. „Ова е прелиминарна средна оценка за успехот од полагањето државна матура, зашто од денеска до 10 јули до 15 часот може да се поднесуваат приговори до училишните комисии. Резултатите од приговорите ќе бидат објавени на 17 јули во училиштата. Во зависност од тоа колку од нив ќе бидат прифатени, ќе зависи и конечната просечна оценка. Цената на секој приговор е 1.500 денари кои ќе му бидат вратени на подносителот доколку приговорот биде основан и прифатен“, истакнаа во ДИЦ. 

Државниот испитен центар денеска ги презентираше резултатите од полагањето државна матура за учебната 2016/2017 година во јунскиот испитен рок, во кој полагаа вкупно 16.426 матуранти. ДИЦ информира дека средната оценка на успехот од екстерните испити е 3.39, а резултатите денеска веќе се објавени во сите средни училишта, како и на страницата: matura.gov.mk.

Сепак, како што беше соопштено на денешната прес-конференција, крајната средна оценка ќе се знае откако ќе помине рокот за поднесување приговори.

„Ова е прелиминарна средна оценка за успехот од полагањето државна матура, зашто од денеска до 10 јули до 15 часот може да се поднесуваат приговори до училишните комисии. Резултатите од приговорите ќе бидат објавени на 17 јули во училиштата. Во зависност од тоа колку од нив ќе бидат прифатени, ќе зависи и конечната просечна оценка. Цената на секој приговор е 1.500 денари кои ќе му бидат вратени на подносителот доколку приговорот биде основан и прифатен“, истакнаа во ДИЦ. 

Според директорката на ДИЦ, Мируше Амети, и годинешниот успех од полагањето државна матура е во рамки на просекот од постигнувањата на учениците во претходните години. Таа истакна дека во 2016 средната оценка беше 3.42, но по завршување на процесот на приговори.

„Сега сме пред приговори и 3.39 не е конечната оценка. Оценката зависи и од бројот на ученици, некоја генерација има поголем број ученици, некоја помалку. Ние, како Државен испитен центар, сме задоволни од оценката 3.39 што, секако, може и би било поубаво да е и повисока’, рече Амети. 

Вкупната средна оценка по мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски јазик) е 3.48. Ова е задолжителен екстерен испит за кој во јуни биле пријавени 15.572 кандидати. 

Средната оценка за англиски јазик, кој го полагале 14.535 ученици, е 2.99. За другите три странски јазици (француски, германски или руски) кои ги полагале 317 матуранти, вкупната просечна оценка на постигнатиот успех е 4.04. Средниот успех по математика е 3.43, а испитот го полагале 2.020 ученици.

Највисока просечна оценка (4.12) меѓу предметите за третиот екстерен испит е постигната по биологија, а за предметот биле пријавени 3.350 ученици. За естетика од 189 кандидати средниот успех е 3.56, за филозофија 3.545 кандидати и просечен успех 3.70, за историја 2734 и просечна оценка 3.49, за физика 115 кандидати и оценка 3.80, за хемија 280 кандидати и оценка 3.72 и за предметот бизнис 4.016 кандидати и средна оценка 3.37.

Кандидатите кои во јуни не ја положиле државната матура, од 11 до 19 јули може да се пријавуваат за полагање во августовскиот рок. Тестирањата ќе бидат организирани на 14, 15, 16 и 17 август.

А. Б.