/Прочитано:

822

Дигитализација на судството – зголемување на ефикасноста и пристапот до правда

Претседателот на Владата Зоран Заев, министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција. Фокусот на прес-конференцијата беше дигитализацијата на судството.

Премиерот Заев, осврнувајќи се важноста на спроведување на реформа во правосудниот систем во нашата држава потсети на „Акција 21 – Европски стандарди дома“, каде прва заложба на листата беше влегувањето во финалната фаза на суштинските реформи и ефикасното и објективно прочистување на судството и обвинителството.

„Целиот овој процес беше проследен со непринципиелна опструкција и битки со противниците на правдата. После повеќе од една деценија заробено судство и покрај сите опструкции на последните бранители на криминалот од најголемата опозициска партија ги донесовме системските закони во оваа област кои донесоа раздвижување во овој сектор. Како резултат на овие реформи, предметите за организиран криминал и висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за сериозни кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80-тина предмети, а десеттина судии се разрешени. Најзначајно е што овој процес е автономен и независен и си го водат судиите и тој веќе дава резултати. Процесите се почнати – нема назад“, нагласи премиерот Заев.

Реформите во судството како врвен приоритет на Владата ги даваат првите резултати. Судиите се ослободени од политички влијание и почнаа да испорачуваат правда. И тоа за случаите кои се синоним за криминал и корупција во нашата земја.

Како потврда за тоа се позитивните извештаи, како оној на американскиот Стејт департмент за состојбите со човековите права во кој е констатирано дека Владата покажала сериозна почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години, треба да ни бидат мотив и охрабрување да го продолжиме непоколебливо овој пат.

Премиерот Заев, ја потенцираше и важноста од дигитализацијата во целиот овој процес.

„Ги поставивме сите елементи за дигитализација во јавниот сектор, а сега следува спроведување на дигитализацијата во правосудството. Дигитализацијата на правосудството само дополнително ќе помогне да се забрза тој процес и да се сведе на минимум човечкото администрирање во судските процеси, а доминантни да бидат владеењето на правото и раздавањето на правдата. Тоа што го ветуваме го исполнуваме. Ветивме реформирано судство, зацврстување на правната држава и правда. Резултатите ги гледаме секојдневно“, заклучи премиерот Заев.

Министерот Маричиќ, ги претстави планираните активности за дигитализација на судството.

„Целосно ќе се дигитализираат 34 судови и над 120 судници. Ова е квантен технолошки скок кој ќе се направи за релативно кратко време. Како Влада преземаме обврска да обезбедиме средства за одржување на опремата која ќе биде инсталирана во судовите, но и јакнење на човечките ресурси потребни за работа и одржување на истата. Дигитализацијата меѓу другото ќе значи и воведување на онлајн судења, а тоа навистина многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени. Пример, со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Се ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства“, информираше Маричиќ.

Како што истакна министерот Маричиќ, со воведувањето на платформата за интероперабилност како долгорочен приоритет во правосудните институции се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена на податоци, сигурност при размената на податоците, достапност на податоците, поефикасна работа на самите институции и поефикасно и побрзо опслужување на крајните корисници.

Судијата Нанев, како претседател на работната група за дигитализација на судството, ги претстави придобивките од дигитализација на судството. Како што рече тој, на овој начин се олеснува работата, се зголемува пристапот до правдата за сите граѓани, се намалуваат трошоците и се зголемува ефикасноста.

„Се подобрува судскиот интегритет и се зајакнува довербата на јавноста преку јакнење на транспарентноста и отчетноста. Се подобрува и заштитата на системот, а и соработката со други институции, меѓународни организации и соработка со други држави. Со Оперативниот план усвоен од Владата, обезбедени се  90 милиони денари за 2021 година, а за 2022 година, тој буџет дополнително се зголемува. Овие средства ќе бидат искористени за рехабилитација на хардверот и софтверот. На тој начин, ќе се зајакнат системите за складирање на податоци во сите судови во државата“, рече Нанев.

Тој се осврна и на можноста за онлајн судења кои се придобивка од процесот на дигитализација на судството.

„187 судници ќе бидат опремени со најсовремена дигитална опрема за непречено онлајн судење. Во овој процес на дигитализација посебен акцент се дава на учеството на јавноста и можноста да се следат судењата. Анализите покажуваат дека судењата на далечина или онлајн судењата за 60% ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста. Дополнително, на овој начин се намалуваат трошоците. Само со 15 институции приклучени на системот за интероперабилност ќе се заштедат 15 милиони евра на годишно ниво, или 2,5 тона хартија, односно 3.000 дрва“, информираше судијата Нанев.

Дигитален идентитет за странките и адвокатите – дел од активностите за дигитализација на судството

Маричиќ во Турција за дигитализацијата на македонските судови

И Хан информиран дека ќе се дигитализираат 100 судници во земјата

Дигитализација на 100 судници, најави министерот за правда од Брисел

Министерот за правда во Основниот суд Кавадарци, првиот суд каде што се одржа онлајн судење

Законски измени за дигитализација на судството, најави министерот за правда на јавната расправа за ЗПП

Маричиќ: Судството покажа дека може да функционира онлајн

(ФОТО) Основниот суд Кавадарци постави паравани за целосна заштита на странките

Онлајн судење за разбојништво во Основниот суд Кавадарци

Онлајн судења во Основниот суд Кавадарци

М.В