Дигитализацијата на бизнисот и правната индустрија
Иако правната индустрија се развива со брзо темпо во поглед на сè посовремениот начин на нудење правни услуги, сепак таа генерално заостанува во ефективното распоредување на ИТ-алатките, а главната забелешка е дека недоволно се искористува технологијата во намалување на трошоците, со што се отежнува нејзината ефикасност.
Како и со многуте други индустрии, и правната индустрија веќе навлезе во ерата на дигитализацијата и почна да ги користи нејзините придобивки. Дигитализацијата најчесто подразбира збир од дигитални пристапи, мрежи, сервери, софтвери и други алатки.
Се разбира, дигитализацијата е многу повеќе од едноставен премин од хартиена во електронска комуникација. Тоа е процес на побрзо испорачување на стоки и услуги, напредна технологија, креирање нови бизниси, модели и структури.
Во бизнисот, дигитализацијата е збир на алатки, задачи, човечки и технолошки ресурси и модели, со цел да им служи на клиентите и да обезбеди непрекинато поврзување помеѓу давателот на услугите и корисниците.
Со експанзијата на дигитализацијата, правните фирми одреден период беа оневозможени на пазарот, приспособувајќи се на транзитниот период од хартиено во електронско работење, за сега на лесен, брз и достапен начин да имаат пристап до светските правни извори. Тие денес бргу напредуваат на пазарот на правната експертиза и технологија.
Иако правната индустрија се развива со брзо темпо во поглед на сè посовремениот начин на нудење правни услуги, сепак таа генерално заостанува во ефективното распоредување на ИТ-алатките, а главната забелешка е дека недоволно се искористува технологијата во намалување на трошоците, со што се отежнува нејзината ефикасност.
Начинот на давање адвокатски и правни услуги се промени кога големите компании почнаа да вработуваат правници наместо да ангажираат некоја надворешна адвокатска канцеларија. Пристапот до услуги на клиентите стана брз, со директна комуникација со компанијата, а вработените правници лесно можеа да се запознаат со предметите кои ги работат. За брзо време тие станаа ударна сила на правните фирми, со оглед на нивната правна експертиза, намалените трошоци, ефикасноста и времето на испорачани работни обврски.
Правните фирми што не успеваат целосно да се дигитализираат или се дигитализирале само во мал дел, без да ги следат модерните текови, имаат поголеми трошоци преку постојано плаќање на компании од други дејности кои им даваат техничка и компјутерска поддршка.
Така на пример, фармацевтскиот гигант „Џонсон&Џонсон“ минатата година потрошил 73 милиони долари на договор кој го склучил со сервис провајдерот „Аксиом“, каде што тие им нудат техничка поддршка, логистика, анализа на бизнис модели во согласност со потребите на клиентите.
С. М.