/ Прочитано:

2.966

Дигитализацијата веќе не е опција, туку потреба за компаниите

Дигитализацијата е неопходна за брз економски раст и напредок на секоја компанија, просецот подразбира употреба на дигиталната технологија за промена на бизнис-моделите. Дигиталната трансформација внесува конкретни промени во бизнисот, развој на нови бизнис-модели и зголемување на конкурентноста на пазарот. ИТ-секторот има голем потенцијал за раст и со соодветни поттикнувања  постои потенцијал за креирање севкупен економски раст.  Предизвици за раст на ИТ-индустријата детектирани се во недостиг на инвестиции во нова технологија, недоволна искористеност и примена на облак-платформите, ниско ниво на електронска трговија, како и анализа на големи податоци, попознато како податочно рударење, истакна денеска  претседателот на ИКТ-Комората, Саша Огненовски.

Тој рече дека технологијата напредува со голема брзина, со што притисокот за имплементирање нова технологија станува сè поголем и компаниите веќе стануваат свесни дека  дигитализацијата е неопходна за да опстанат во денешниот свет – таа веќе не е опција туку неопходна потреба за сите компании, без разлика на големината и секторот. Дополнително, дигитализацијата е континуиран процес, и за да биде успешна, потребни се професионални лица, стратегија за дигитализација на компанијата  и технологија.

„Компаниите секојдневно се соочуваат со предизвиците на дигиталната трансформација и со потребата да се користат дигитални технологии за да се забрза нивниот пораст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите за да се приспособат на новите генерации потрошувачи. За да бидат конкурентни македонските компании на европските пазари, сите работни процеси треба да преминат на дигитална платформа, без разлика дали станува збор за проекти, производи, маркетинг или продажба. Вистински предизвик е компаниите да се одлучат која од новите технологии ќе работи во најдобар интерес за унапредување на деловното работење“, изјави Огненовски и додаде дека домашните компании, особено малите и средните, најголемиот раст може да го доживеат со дигитализација за развој на иновативни решенија, со што ќе бидат конкурентни на светскиот пазар.

Огненовски истакна дека она што е многу важно е дигитализацијата на компаниите да се одвива паралелно и со дигитализација на институциите на системот, за што е потребна соработка со компаниите кои даваат поддршка за нови иновативни ИТ-решенија.

„Дигитализацијата на компаниите, институциите, поточно општеството во целина значи зголемување на БДП и нови вработувања. Дигитализацијата несомнено влијае на сите сфери на општеството и  потребно е да се нагласи дека самиот процес на дигитализација ќе влијае да згаснат одредени работни места, а од друга страна, пак, и да се отворат нови подобро платени. Во таа насока, новите трендови диктираат и потреба за образовен кадар кој поседува модерни знаења и вештини. Отворање на дигитални работни места кои, пред сè,  ги задржуваат и се привлечни за младите високообразовани кадри, имаат влијание и на севкупниот економски развој на земјата, генерираат поголема додадена вредност, потрошувачка и извоз, како и поттикнување на иновациите, истакна Огненовски и додаде дека дополнително  и во стратегија на Европска Унија дигитализацијата е високо на агендата, со особен акцент на земјите од Западен Балкан и процесот на интеграција.

Минатата година, ИКТ-секторот во нашата земја учествувал со 7,8 проценти од вкупниот БДП. Истражувањата покажуваат дека дигитализацијата на компаниите е корисен процес и дека оние компании што спровеле дигитална трансформација прикажуваат раст од 26 проценти.  Дигиталното работење на компаниите во нашата земја и од Западен Балкан изнесува во просек 10 отсто од вкупното работење на компаниите, но позитивно е тоа што 63,3 отсто од компаниите сметаат дека дигитализацијата претставува можност за унапредување на нивниот начин на работа.

M.В