/ Прочитано:

2.536

ДИК денеска ќе одлучува по приговорите поднесени од страна на СДСМ и БЕСА

Државната изборна комисија соопшти дека на денешната седница ќе решава по осум поднесени приговори од страна на Коалицијата предводена од СДСМ и уште по осум приговори што ги поднесе Движењето БЕСА. Приговорите на СДСМ се однесуваат на избирачки места во шестата изборна единица, како и на изборниот резултат, додека БЕСА поднесе приговори кои се однесуваат на текот на гласањето и на броењето на гласовите на избирачки места во неколку општини: Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково.

Државна изборна комисија

Државната изборна комисија денеска ќе одлучува по вкупно 16 приговори што ги поднесоа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата за подобар живот во Македонија и Движењето БЕСА, а кои се однесуваат на текот на гласањето и на броењето на гласовите.

„Државната изборна комисија известува дека седницата за расправање и за одлучување по приговорите од подносителите на листи на кандидати за пратеници ќе се одржи на 15 декември. За точното време на одржување на седницата ДИК навремено ќе ги извести овластените претставници, акредитираните набљудувачи и медиумите“, се вели во соопштението на ДИК.

Државната изборна комисија соопшти дека на денешната седница ќе решава по осум поднесени приговори од страна на Коалицијата предводена од СДСМ и уште по осум приговори што ги поднесе Движењето БЕСА.

Приговорите на СДСМ се однесуваат на избирачки места во шестата изборна единица, како и на изборниот резултат, додека БЕСА поднесе приговори кои се однесуваат на текот на гласањето и на броењето на гласовите на избирачки места во неколку општини: Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково.

Според Изборниот законик, ДИК може да донесе решение за поништување на гласањето на одредени избирачки места, а против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија, во рок од 24 часа по приемот на решението. По евентуално поднесување на жалба против решение донесено од страна на ДИК, во рок од 72 часа, Управниот суд е должен да постапи по жалбата. Повторното гласање на одредено избирачко место се одржува по точно две недели, односно 14 дена од денот на првото гласање.

Инаку, според првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија, 454 519 граѓани го дадоа гласот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што им обезбедија 51 пратеничко место, додека за СДСМ и Коалицијата за подобар живот во Македонија гласаа 436 823 граѓани, што значи дека оваа коалиција освои 49 пратенички места.

А. Б.