ДИК: До 10 часот излезноста 12,49 отсто
Недела, 24 март 2013 – До 10 часот во Македонија на гласање излегле 204.783 лица или 12,49 отсто, соопшти Државната изборна комисија укажувајќи дека ова се резултатите од 2.664 избирачки места.
Излезноста е најголема во Кратово 22,29 отсто, во Кичево 20,89 проценти и во Крушево 18,22, а најмала е во Боговиње каде што на гласање излегле 6,5 отсто.
Според портпаролот на ДИК Билјана Јовановска, во Скопје до 10 часот гласале вкупно 48.497 лица или 10,75 отсто од евидентираните во Избирачкиот список.
>> Одзивот на гласањето можете да го следите тука.
Мост: Евидентирани четири прекини на гласањето
Граѓанската асоцијација „Мост“, која има 3.200 набљудувачи, соопшти дека утрово се евидентирани четири прекини на гласањето.
„Гласачко место 1720 во општина Струмица е отворено навреме, но имало прекин на гласањето поради тоа што Избирачкиот одбор увидел дека постои вишок од 33 гласачки ливчиња. Општинската изборна комисија (ОИК) извршила увид, констатирала грешка во сериските броеви и дала препорака тоа да биде забележано во записникот, по што гласањето продолжило. Гласачко место 0957 во општина Крива Паланка било отворено со задоцнување од еден час поради снег. Гласачко место 0925 во општина Кратово е отворено во 7 и 30 часот. На ова гласачко место забележано е и читање на глас на имињата на гласачите. Гласачко место 2295 во општина Штип е отворено во 7 часот, но било прекинато во 7 и 15 часот поради тоа што пред него имало билборд на политичка партија. ОИК во соработка со противпожарната служба го отстраниле пропагандниот материјал и гласањето продолжило во 7 и 45 часот”, соопшти „Мост”.
Во Македонија денеска се одржуваат петтите локални избори по независноста на земјата. Граѓаните избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
На 2.976 гласачки места за 350 кандидати за градоначалници и за 480 листи за советници својот глас треба да го дадат 1.743.403 граѓани.
Гласањето денеска започнаа во 7 часот, а ќе трае трае непрекинато до 19 часот, кога се затвораат избирачките места.