ДИК ги дискриминирала лицата кои стекнале право на глас меѓу двата изборни круга на претседателските избори, утврди КСЗД
Државната изборна комисија директно ги дискриминирала лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019 врз основа на возраст. Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, исто така, утврди и индиректна дискриминација во истиот случај, предизвикана кон лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга, а не биле запишани во Избирачкиот список.
Претставката против ДИК ја поднесе Институтот за правни и политички истражувања во јули 2019 година, а во неа се наведува дека лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019 година биле дискриминирани врз основа на возраст и им било оневозможено да го остварат своето избирачко право загарантирано со Уставот.
„КСЗД се обрати до ДИК за изјаснување по оваа претставка, а од таму одговорија дека овие лица не биле вклучени во Избирачкиот список поради фактот дека Избирачкиот список бил затворен за првиот изборен круг и не можел да се менува до завршување на изборите. Како аргумент за ова тврдење го користат фактот што промената на вкупниот број избирачи помеѓу двата круга би го нарушил потребниот цензус што е неопходен за одредени избори да бидат успешни.
По разгледување на сите аргументи, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заклучи дека ДИК извршила директна дискриминација по основ на возраст на поголема група граѓани кои наполниле 18-годишна возраст меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019, со што им го одзела уставното право да гласаат на избори и го нарушила принципот на еднаков третман при остварување на избирачкото право загарантирано со Устав и закон.
Дополнително, со тоа што не обезбедиле заштита и гаранција на уставното избирачко право на сите граѓани со деловна способност кои навршиле 18-годишна возраст, придонеле да се изврши индиректна дискриминација кон 1.218 лица, државјани на Република Северна Македонија кои станале полнолетни во периодот 21.4.2019 – 5.5.2019.
КСЗД ја задолжува ДИК во иднина да превенира секаков можен нееднаков третман, односно дискриминација на лицата кои полнат 18 години по денот на првиот круг на претседателски или локални избори, или по изборниот ден на парламентарни избори во кои се прегласува на одредени избирачки места и да им овозможи остварување на нивното избирачко право“, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
М.В