/ Прочитано:

903

ДИК ги соопшти првичните резултати: Жерновски ја потврди победата во Центар

Понеделник, 22 април 2013 – Државната изборна комисија (ДИК) синоќа ги соопшти првите официјалните од вториот круг во Долнени и денешното прегласување во дел од избирачките места во скопските општини Центар и Ѓорче Петров и Струга.

Во Долнени победи кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Боше Милошевски со 4.048 гласови, односно 51,71 отсто од вкупно излезените гласачи, додека кандидатот на ДУИ Абдула Бајрамовски освоил 3.692 или 47,16 отсто од гласовите. Одѕивот на гласачите во 39-те избирачки места во оваа општина изнесува 74,41 отсто. 

На 29-те избирачки места во Општина Центар каде што денеска се прегласуваше кандидатот на „Сојузот за иднината“ предводен од СДСМ Андреј Жерновски освоил 9.027 гласови, додека Владимир Тодоровиќ од коалицијата „За подобра Македонија“ 5.542. Одѕивот од денешното гласање е 64,92 отсто. Вкупно Андреј Жерновски освоил 15.061 глас, додека Владимир Тодоровиќ 12.010.

Во Струга на прегласувањето во девет избирачки места кандидатот на ДПА, поддржан од ДУИ Зијадин Села освоил 3.139 гласови, додека Владимир Кочоски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ 702. Одѕивот на овие девет избирачки места е 49 отсто. Вкупниот резултат од гласањето во оваа општина изнесува 20.723 за Зијадин Села и 14.659 за Владимир Кочоски.

Во Ѓорче Петров на прегласувањето на едно избирачко место Сокол Митровски од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоил 464 гласа, додека Александар Наумовски од „Сојуз за иднината“ предводен од СДСМ 81 глас. Одѕивот од денешното гласање е 42,42 отсто. Вкупниот резултат од гласањето во оваа општина на сите избирачки места е 11.893 за Сокол Митровски и 10.697 за Александар Наумовски.

Претседателот на Државната изборна комисија кој ги соопшти резултатите на прес-конференција изјави дека официјално до ДИК досега нема добиено преставки од страна на учесниците во изборниот процес.