/ Прочитано:

1.943

ДИК ГО ОБЈАВИ РОКОВНИКОТ ЗА ИЗБОРИТЕ: Листите на кандидати за пратеници се доставуваат најдоцна до 11 мај

ДИК, најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена, започнува на 25 април, а трае до 9 мај 2016 година, а најдоцна до 14 мај. ДИК го доставува Избирачкиот список до политичките партии кои, пак, до 19 мај треба да достават барање за запишување, за дополнување или за бришење на податоци.

Izbori-1

Државната изборна комисија, на седницата одржана на 16.4.2016 година, врз основа на членот 34 од Привремениот деловник за работа, го донесе Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои беа распишани на 15 април 2016 година.

ДИК најдоцна во рок од 3 дена од денот на распишување на изборите доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување на податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на Градот Скопје, како и јавната администрација, систематизирани по општини според адресата на местото на живеење.

Најдоцна до 28 април ДИК треба да ги формира општинските изборни комисии (ОИК), а одлуките со кои се формираат ОИК и Изборната комисија на Град Скопје се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија”.

ДИК најдоцна до 30 април доставува барање до политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и до политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, да достават предлози за членови на избирачките одбори (ИО) и нивни заменици заради формирање, односно евентуално дополнување на ИО со нови членови и заменици, кои, пак, најдоцна до 5 мај треба да ги достават своите предлози.

Веднаш по распишувањето на изборите, ДИК доставува до Министерството за внатрешни работи (во понатамошниот текст: МВР) барање за доставување на податоци за граѓаните, во согласност со членот 43 став 1 и членот 45 став (1) и (2) од Изборниот законик.

ДИК, најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена, започнува на 25 април, а трае до 9 мај 2016 година, а најдоцна до 14 мај. ДИК го доставува Избирачкиот список до политичките партии кои, пак, до 19 мај треба да достават барање за запишување, за дополнување или за бришење на податоци.

За поднесеното барање ДИК одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, а против решението на ДИК политичката партија може да поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението, кој пак е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на јавниот увид, државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престојуваат во странство, можат да достават пријава своерачно потпишана или испратена по електронска пошта со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори

Во врска со предлагањето на листи на кандидати, собирањето потписи пред овластените лица од ДИК за предлагање на листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија од група избирачи започнува 10-тиот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 10 дена, до 4 мај.

Овластените претставници на предлагачите ја доставуваат до ДИК листата на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија. Листите на кандидати се доставуваат најдоцна до 11 мај 2016 година до 24:00 часот. Ако утврди ДИК дека е листата поднесена во определениот рок и дека е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, односно подносителите на листата ако во законскиот рок ги отстраниле констатираните неправилности или пропусти, поднесената листа ќе ја потврди со решение. Ако утврди ДИК дека во листата има одделни неправилности, ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на листите.

Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија ја организира ДИК, а се одржува на 15 мај 2016 година.

Изборната кампања (јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско претставување и претставување на интернет, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми) започнува на 16 мај 2016 година, а завршува на 3 јуни 2016 година во 24:00 часот.

Од денот на распишување на изборите, па сѐ до почеток на изборна кампања, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат, односно да објавуваат платено политичко рекламирање, освен огласи и соопштенија за собирање потписи за поддршка на кандидатура на група избирачи.

Учесникот во изборната кампања е должен 11-тиот ден од денот на изборната кампања да поднесе финансиски извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на жиро–сметката за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до крајот на десеттиот ден од изборната кампања, т.е. најдоцна до 26 мај 2016 година.

Гласањето во Република Македонија започнува во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот на 5 јуни (недела) 2016 година, а на избирачите кои се затекнати во објектот каде што се гласа пред завршувањето на крајниот рок им се овозможува да гласаат.