/ Прочитано:

849

ДИК го усвои финансискиот план за локалните избори

Среда, 15 јануари 2013 – Државната изборна комисија (ДИК) го усвои финансискиот план за локалните избори што изнесува 138 милиони 540 илјади денари, а согласно законот дополнителни средства за овие избори треба да издвојат и општините. 
Претседателот на највисокото изборно тело Борис Кондарко рече дека овие 138 милиони и 540 илјади денари се предвидени за локалните избори кои според законот се определени од страна на државата за ДИК, но согласно членот 88 став 4 од Изборниот законик бидејќи се работи за локални избори останатиот дел од трошоците за спроведување на изборите паѓаат на товар на локалните самоуправи.

Координаторот на работната група за финансискиот план, членот на ДИК Субхи Јакупиистакна дека околу 46 милиони и 500 илјади денари од предвидените средства се за изработка и печатење на гласачки ливчиња, околу 20 отсто од вкупните расходи се предвидени за изборен материјал односно печати, перничиња, ув спреј, ув ламби и друго. За првпат од страна на ДИК издвоени се средства и за печатење на Избирачкиот список за јавен увид во 36 подрачни единици на Комисијата и изводи за гласање за прв и втор круг и евентуално прегласување, и посебни изводи за лицата кои гласаат ден пред изборите. Досега печатењето го правеше Државниот завод за статистика.

Пари, меѓу другото, се издвоени и за помошните тела што ДИК ги ангажира, за едукација на Општинските изборни комисии (ОИК) кои пак треба да ги обучат Избирачките одбори и за прирачници за сите членови и заменици на ОИК односно за ИО.