/ Прочитано:

822

ДИК ќе одлучува по повеќе стотици приговори од првиот круг на локaлните избори

Среда, 27 март 2013 – Државната изборна комисија денеска на седница ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените приговори за гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите од првиот круг на локалните избори, одржани во неделата на 24. март.

Претседателот на ДИК Борис Кондарко на синоќешната прес-конференција информира дека се пристигнати повеќе стотици приговори од повеќе партии, а најмногу од опозицијата.

Рокот за поднесување приговори до Државната изборна комисија истече вчера во 19 часот. 

ДИК е должна да донесе одлука во рок од 48 часа. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 48 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Одлуките по приговор и тужбата со самото донесување се објавуваат на интернет страницата на Управниот суд и на ДИК.

Секој подносител на листа на кандидати, при поднесување на приговор до ДИК задолжително доставува и официјална интернет адреса т.е. електронско сандаче заради доставување на одлуката на ДИК.

Рокот за поднесување на тужба до Управниот суд започнува да тече по истекот на пет часа од доставувањето на одлуката на ДИК во електронското сандаче.