ДИК: Локалните избори со 29 независни кандидати за градоначалници

Понеделник, 11 февруари 2013 – Досега се поднесени 29 независни кандидатски листи и уште 100 листи за советници, соопштува Државната изборна комисија (ДИК). До утре важи рокот за пријавување учество на локалните избори. Увид во Избирачкиот список направиле 42.747 граѓани.  

Независни кандидатски листи поднеле Зоран Македонски за Делчево, Виктор Цветковски за Куманово, Горан Стојановски за Старо Нагоричане, Зоран Новаковски за Дебарца, Витомир Велковски за Струга, Васил Радиноски за Вевчани, Ибраим Колари за Дебар, Мазлум Хасан за Центар Жупа, Силвана Спасова за Конче, Горан Паунов за Карбинци и Ристе Андонов за Свети Николе.

Дури тројца независни кандидати поднеле листи за градоначалник до ДИК за Лозово и тоа Трајче Георгиевски, Слободан Јовановски и Горанче Велков. Бесник Телаи поднел независна кандидатура за Чаир, Јован Пејковски  и Киро Пирковиќ за Чучер Сандево, Басри Бајрами за Арачиново, Бошко Дилберовски за Петровец, Борче Гиевски за Зелениково и Дејан Андоновски за Чашка.

Зоран Бојковски, Борис Давидов и Панчо Минов, тројцата од Кавадарци собрале потписи и имаат доставено кандидатури за градоначалник до ДИК.
Зоран Лазаровски-Паљо и Јорго Огненовски се независни кандидати за градоначалници за Битола.
Кандидатури за градоначалници за Могила поднеле Љубе Простиженовски и Стево Пивковски и за Ресен Димитар Бузлевски, поранешен член на СДСМ.
Од ДИК информираат дека само седуммина од оние што почнале да собираат потписи не успеале или самите се откажале.
За советници се поднесени точно 100 листи. Најмногу има за Македонски Брод дури петнаесет, осум за Охрид, шест за Петровец и за Кавадарци, и по пет за Конче и за Лозово. Шестмина од подносителите не успеале да соберат потписи или се откажале.