/ Прочитано:

969

ДИК на итна седница поради наводни спорни резултати на три избирачки места во Куманово

Среда 10 април 2013 – Итна седница за денеска закажа Државната изборна комисија, по барање на општинската изборна комисија од Куманово, како и поради претходна дојава за одземен гласачки материјал од три избирачки места во Куманово. Синоќа во 19 часот истече законскиот рок во кој партиите доставија приговори за текот на гласањето на вториот круг од локалните избори што се одржаа во неделата на 7 април. 

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доставиле повеќе од 100, приговори за изборни нерегуларности, ДПА 4, а ДУИ и НДП по 16 приговори.

ВМРО-ДПМНЕ поднел  66 приговори за Центар,  30  приговори за Куманово и 13 за Струга.

ДУИ поднеле три приговори за украдени избирачки списоци на три избирачки места во Куманово, каде по вториот круг победи Зоран Дамјановски од СДСМ. Поради ова денеска за 10 часот е закажана итната седницата, која не се одржа синоќа, затоа што беше потребно да присуствуваат сите членови на ДИК.

Инаку, партиите имаа рок до полноќ да достават приговори до ДИК.

ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе одлука, а подносителот против одлуката на ДИК може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението. Управниот суд треба да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на решението. Одлуката на Управниот суд е конечна.