ДИК се уште одлучува по приговорите за првиот изборен круг
Четврток, 28 март 2013 – Државната изборна комисија (ДИК) денеска треба да ја продолжи расправата по приговорите за изборниот процес пристигнати во законски предвидениот рок.
ДИК синоќа одби 27 приговори на СДСМ за општините Кисела Вода и Штип, а делумно се уважува приговорот за Демир Капија. Лицето кое во Демир Капија јавно го покажало заокруженото избирачко ливче може да заработи прекршочна пријава.
Претходно ДИК ги одби 38-те приговори на ДОМ и едниот на Демократска партија на Турците, за нерегуларности во Пласница. За приговор на Народното движење за Македонија, ДИК ќе одлучува дополнително. До ДИК во законски предвидениот рок, по затворањето на гласачките места по првиот круг од гласањето на локалните избори пристигнаа вкупно 428 приговори. Најголем дел од приговорите по кои одлучува ДИК, има поднесено СДСМ и тоа над 70 во Охрид, над 60 во Радовиш, околу 40 приговори во Ресен, 80 во Аеродром, Штип 20, Прилеп 37, …
Приговорите се поднесувани по две основи, еден за повреда на постапката на гласање и друг за резултатите од гласањето. Рокот за приговори по повреда на постапката на гласање заврши завчера во 19 часот, односно 48 часа по затворањето на гласачките места. Рокот, пак, за приговори на резултатите од гласањето е 48 часа од потпшувањето на записникот од страна на Општинската изборна комисија.
Државната изборна комисија согласно законските одредби треба во рок од 48 часа да донесе одлуки по поднесените приговори. По завршувањето на овој рок политичките партии ќе имаат повторно 48 часа да поднесат тужби до Управниот суд чии одлуки се последни и конечни и по кои ќе се знае дали и каде ќе има прогласување.