/ Прочитано:

1.360

Димитров: Сакаме да бидеме 30. членка на НАТО и за таа цел се посветивме на реформските процеси

„Политиката на отворени врати на НАТО мора да продолжи со земјите од Западен Балкан, а иднината на Македонија е во НАТО како 30. земја членка на алијансата. Во суштината на домашната реформска агенда на оваа Влада е да изгради силни институции и демократија каде што граѓаните ќе ја контролираат власта, а не власта да ги контролира граѓаните. Преземаме и интензивни дипломатски активности надвор за зајакнување на нашите евроатлантски перспективи преку унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка и цврсто сме решени да продолжиме со нашиот нов конструктивен пристап базиран врз европските и евроатлантските вредности“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, на отворањето на конференцијата „Македонија кон целосно членство во НАТО“.

Главни приоритети за исполнување на стратешката цел на Македонија за членство во НАТО се имплементирање на реформските процеси и достигање на највисоките демократски стандарди за градење на државата во модерна европска демократија, како и во одговорен, активен чинител и партнер во меѓународните односи. Ова се дел од заклучоците од денешната конференција насловена „Македонија кон целосно членство во НАТО“, која ја организираа Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи (ИГИНП), Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ и Алумни асоцијацијата на Маршал центарот во Македонија.

Во своите напори кон остварување на стратешката цел за членство во НАТО, Република Македонија има целосна поддршка од Соединетите Американски Држави и од Германија, бидејќи, како што беше посочено на конференцијата, членството во НАТО и во Европската Унија се најдобар начин за стабилизирање како на Македонија, така и на регионот на долг рок.

„Политиката на отворени врати на НАТО мора да продолжи со земјите од Западен Балкан, а иднината на Македонија е во НАТО како 30. земја членка на алијансата. Сакаме да бидеме 30. членка на НАТО и за таа цел се посветивме и работиме и дома и надвор. Во суштината на домашната реформска агенда на оваа Влада е да изгради силни институции и демократија каде што граѓаните ќе ја контролираат власта, а не власта да ги контролира граѓаните. Тоа ќе го направиме, пред сè, за нас самите, но ќе овозможи да се тргнат и некои дополнителни забелешки кои алијансата ни ги испрати од Самитот во Варшава. Во оваа насока, преземаме и интензивни дипломатски активности надвор за зајакнување на нашите евроатлантски перспективи преку унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка и цврсто сме решени да продолжиме со нашиот нов конструктивен пристап базиран врз европските и евроатлантските вредности“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, на отворањето на конференцијата.

Тој нагласи дека во наредниот период Македонија ќе го зголеми своето учество во меѓународните мировни мисии за 20 проценти, а буџетот за одбрана ќе биде зголемен за референтни 0,2 отсто секоја година со желба, како што истакна, од сегашниот 1 процент од БДП до крајот на мандатот на оваа Влада да достигне до 1,8 проценти од БДП.

„Членството во алијансата нема алтернатива. Според последното истражување на ИРИ од мај 2017 година, 71 процент од граѓаните го поддржуваат нашето членство во НАТО. Како мултиетничко општество, стратегиската определба за членство во НАТО е обединувачки и кохезивен фактор во Република Македонија“, изјави Димитров.

Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, потенцираше дека САД остануваат партнери на Македонија, посочувајќи дека земјата мора да продолжи со внатрешните демократски реформи.

„НАТО постојано ги потврдува заложбите од Букурешт за членство на Македонија, откако ќе најде заемно прифатливо решение за спорот за името со Грција. Нема илузии дека тоа ќе се реши преку ноќ, но како што заменик претседателот Мајк Пенс во Подгорица нè потсети дека сега е историски момент за напредок во регионот, ве повикуваме да го искористите. САД заедно со многу ваши пријатели се подготвени да ви помогнат во овие напори, бидејќи успехот ќе ги зајакне заемниот интерес и стабилност“, изјави Бејли.

Германскиот амбасадор во Република Македонија, Томас Норберт Герберих, рече дека мора да се даде поголемо признание за тоа што македонското општество, како и многу други од регионот на Западен Балкан, се наоѓа среде голем процес на реконструкција, во економски, политички и социјален аспект.

„Мора да разбереме дека овие реформи се тешки. Тие не се услуга на НАТО, туку во интерес на самиот Западен Балкан. Како НАТО-членки треба да преземеме конкретни чекори и да развиеме свежи идеи за остварување на процесот за членство на земјите од Западен Балкан во НАТО. Членството во НАТО и во ЕУ се најдобар начин за стабилизирање на Македонија и регионот на долг рок. Германија ве поддржува во овој процес“, изјави амбасадорот Герберих.

А. Б.