/ Прочитано:

1.726

ДИРЕКТОРОТ НА „ИДРИЗОВО“: Судијата во „Ровер“ се меша во работењето на затворот

Одбраната уште во февруари од затворската Управа побарала Бошковски да биде пуштен три месеци пред истекот на казната затвор од 5 години, која завршува на 6 јуни 2016 година, поради добро поведение и поради тоа што според законот му следуваат тие три месеци.

????????????????????????????????????

8 април 2016 – Според  директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски, судијата Илија Трпков, кој го води предметот „Ровер“, во кој меѓу другите обвинет е и Љубе Бошковски, излегува од своите надлежности и се меша во работењето на Управа на затворот.

Во соопштението од Пејковски, упатено по денешното рочиште за случајoт „Ровер“, на кое судијата Трпков истакна дека го известил затворот дека не постојат пречки Бошковски да биде пуштен на слобода три месеци пред истекот на казната затвор од пет години за случајот „Кампања“, директорот на затворот директно го прашува судијата:

„Имено, по 3 години и шест месеци зошто го одложува рочиштето за 22 април 2016 година и издава наредба за задолжителен спровод на Љубе Бошковски на закажаното рочиште? Дали сум должен како граѓанин на Република Македонија и како директор на јавна установа да почитувам судска наредба?“.

Пејковски додава дека тој ниту со сила, ниту по своја волја упатил некого на издржување казна затвор ниту, пак, можел да ослободи некого без решение од судовите во Република Македонија.

„Исто така, судијата треба да ја има предвид и праксата на Европскиот суд за човекови права според која предвременото отпуштање не е право на осуденикот за кое би бил надлежен да се произнесува судот, туку се работи за можност во делот на третманот за време на издржувањето на казната затвор“, вели во соопштението директорот на „Идризово“.

Тој додава дека Законот за извршување на санкции децидно ја уредува надлежноста во делот на третманот на осудените лица кои издржуваат казна затвор.

Одбраната уште во февруари од затворската Управа побарала Бошковски да биде пуштен три месеци пред истекот на казната затвор од 5 години, која завршува на 6 јуни 2016 година, поради добро поведение и поради тоа што според законот му следуваат тие три месеци.

На 7 март, кога одбраната очекуваше дека врз основа на таа законска можност Бошковски ќе излезе од  „Идризово“, преку соопштение директорот на затворот истакна:

„Законската одредба предвидува можност за отпуштање на осудено лице пред истекот на казната затвор и тоа не од три месеци, туку до три месеци, поради што се неточни наводите дека трите месеци му следуваат на осуденото лице Љубе Бошкоски, како право. Користењето на предвидената законска можност се преиспитува за секој случај поединечно, имајќи ги предвид останатите околности за личноста и за кривичната постапка која е во тек, како и за можните ризиците во однос на текот од оваа постапка“.

Љубе Бошкоски беше осуден на петгодишна казна затвор за случајот „Кампања“. Тој беше уапсен на 6 јуни 2011 година, веднаш по завршувањето на предвремените парламентари избори, под обвинение дека како лидер на партијата Обединети за Македонија незаконито ја финансирал изборната кампања.

Бошкоски е во затвор речиси пет години. Во меѓувреме, против него беше поведено обвинение и за случајот „Ровер“. Овој предмет се наоѓа во фаза на трето повторено судење. Казната што му ја досуди судот на Бошкоски за „Ровер“ изнесува 10 години и шест месеци затвор.

М.С.

(ОБНОВЕНО) Според судијата во „Ровер“ нема пречки Бошковски да излезе од „Идризово“

Поради „Ровер“, директорот на „Идризово“ ги преиспитува околностите за предвремено отпуштање на Бошкоски