/ Прочитано:

781

Дискусија за правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија

Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ја одржа осмата сесија од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување – Поглавје 19, на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат“.

На оваа сесија на НКЕУ-МК се говореше за мерките за справување со здравствената криза што предизвикаа турбулентни промени кои особено беа манифестирани во сферата на економијата и работните односи, потоа за долготрајноста на пандемијата и неможноста да се предвидат идните текови на нови кризи од слична природа, што ја наметнува потреба од подлабоки анализи на состојбите во областа на работните односи, и тоа во поглед на капацитетот на постојната легислатива да го регулира доменот во новите околности, определување на клучните точки што треба да се редефинираат во случај кога работата мора да престане по ничија вина.

Учесниците разговараа и за ефектите од компензирачките мерки што ги донесе Владата, за усогласеноста на мерките и начинот на дејствување на институциите и за други значајни прашања.

Понатаму, на сесијата посебно внимание беше посветено на искуствата од мерката – работа од дома и можностите да се креира неопходната легислатива за регулирање на оваа работна материја. На дебатата беа споделени искуства од земјава, како и од Европската Унија, односно Словачка.

„Пандемијата од ковид-19 не претставува само здравствена криза, туку сериозна социо-економска и психолошка криза, поради што бевме  соочени со предизвикот како на најдобар начин се справиме со неа, без да има импликации врз нашето здравје, но и без да се одрази негативно врз нормалното функционирање на економијата“, истакна министерката Шахпаска на денешниот настан.

„За нас, како Влада и ресорно министерство, изминатиот период врвни беа два приоритети: зачувување на секое работно место во услови на пандемија и грижа за најранливите категории на граѓани“, посочи министерката Шахпаска. Таа се осврна на предизвиците во периодот кога многу сектори беа целосно затворени, како: угостителството, туризмот и транспортот, како и на заложбите на Владата, која еден период беше и техничка, да обезбеди полесно пребродување на тешкиот период преку воведување на соодветни политики и мерки.

Министерката зборуваше и за затворањето на детските градинки и училиштата како дел од владината политика со цел заштита на населението од ширење на пандемијата, но и за флексибилноста на вршењето на работните задачи на вработените со работа од дома, како нов концепт кој пандемијата го наметна и  како искуство кое ќе биде вградено и во новиот Закон за работните односи.

„Владата креираше четири пакети мерки за што полесно надминување на кризата, како: поддршка во исплатата на платите во компаниите и олеснет пристап до бескаматни кредити, сѐ со цел зачувување на работните места, како и финансиска поддршка на оние кои овој период сепак останале без работа“, рече министерката Шахпаска. Таа се осврна и на олеснетиот пристап на граѓаните до социјалните права, односно во системот на социјална заштита и ја потенцираше успешноста на социјалната реформа која ги адресира потребите на најранливите категории на граѓани.

„Овој период имаше и висока реализација на активните програми и мерки за вработување коишто Министерството за труд и социјална политика ги спроведува со Агенцијата за вработување“, истакна Шахпаска. Таа посочи дека новиот Оперативен план за 2021 година е креиран со дополнителни две мерки: поддршка за самовработување и формализација на постојни бизниси во услови на ковид-19 и вработување и раст на правни субјекти кои создаваат нови работни места.

М.В