/ Прочитано:

1.775

„Дисциплината и објективноста се клучни за еден адвокат“ – Холгер Хембах, германски адвокат

Мојот интерес за Македонија е постојан, и од приватен и од професионален аспект. Мојата сопруга е од Македонија и тука поминав дел од својата кариера. Следејќи ги состојбите во Македонија, сметам дека на македонското судство му се потребни промени во организациона смисла, додека, пак, на македонското правно образование му недостасуваат повеќе практични вештини, вели за Академик познатиот германски адвокат Холгер Хембах.

akad 4

Правото е професија која овозможува различни можности во животот

„За правото отсекогаш имав сфаќање дека е професија која овозможува повеќе професионални и различни можности во животот. Тоа беше она што првично ме предизвика да се определам за правото и за адвокатурата. Додека студирав, уште повеќе се зголеми предизвикот за правната професија и за адвокатурата. Студиите ме заинтересираа и им се посветив. Имав огромна желба да ги застапувам луѓето. Застапувањето на луѓето и одбраната на нивните права беше главниот мотив понатаму да се определам за адвокатурата. Во Германија, моментално, најмногу работам на предмети од граѓанското право“, вели германскиот адвокат Холгер Хембах

Тој појаснува дека за „влез“ во германската адвокатура и за успешна адвокатска работа потребно е да се почитуваат неколку суштински одлики кои се однесуваат на личноста на адвокатот, неговото постапување, однесување и професионалната етика.

Дисциплина, познавање на законите и објективност

Во таа смисла, дисциплината, познавањето на законите и објективноста, нагласува адвокатот, се клучните одлики кои треба да ги поседува еден адвокат за да успее во кариерата и за да го оправда пред себе си она што го поставил како професионална цел.

„Секој што се одлучува да биде адвокат, тука говорам посебно за германските искуства, мора добро да го познава правото. Тој мора да биде дисциплиниран и  да се ангажира за странките, да им се посветени ним.  Сепак, мора да се знае и мора да се внимава дека адвокатот мора да задржи и извесна дистанција од странките. Дистанцијата е корисна најмногу за да се зачува објективноста“, посочува Хембах.

 Во Македонија потребна е поголема едукација во однос на практичните вештини

За македонските правосудни состојби адвокатот истакнува дека е потребно да се направат промени во организациона смисла, а како позитивно го оценува трендот на едукација на судиите и адвокатите, особено со примената на судската пракса на Европскиот суд за човековите права.

„Во македонското судство потребно е да постои  подобра организација, подобра ефикасност и побрзо решавање на постапките. Но, од основно и круцијално значење е поголемата независност на судот. За правниците мислам дека недостатокот е во нивното практично образование и тоа треба да се компензира. За правниците, адвокатите, судиите и обвинителите треба да има поголема едукација во однос на практични вештини, и тоа  не само на домашен туку и на меѓународен план. Така ќе имаат можност да разменат мислења и искуства и да ги применат“, вели Холгер Хембах.

Да се разбере начинот на кој Стразбур го разбира правото

Тој посочува дека семинарите и советувањата, какво што беше Советувањето на тема „Почитување на правото на сопственост – членот 1 од Протоколот 1 на ЕКЧП“, на кои се расправа за аспектите и праксата на ЕСЧП во однос на конкретни членови од Европската конвенција за заштита на човековите права во огромен дел придонесуваат за надградбата на судската мисла, практика и перцепција.

„Од клучно значење за судиите е  да се запознаат со практиката на Европскиот суд за човековите права и со начинот на кој тој суд ги разбира законите и како одлучува во поединечните случаи. Тоа е најбитно за нив бидејќи кога самите ќе донесуваат одлука тука, во Македонија, треба да знаат како размислуваат и како одлучуваат судиите во Стразбур. Знаејќи го тоа, ќе биде полесно за нив да го применат, а тоа е важно за судската пракса и за исправни судски одлуки“, истакнува германскиот адвокат Хембах.

Често доаѓам во Македонија

Адвокатот раскажува дека дел од својот професионален живот го поминал во Македонија, каде што и ја запознал својата сопруга со која сега живее во Германија. Неговиот интерес за Македонија, како што вели, е континуиран, а посебно ја следи состојбата во правосудството и влијанието на политичката криза во која моментално се наоѓа државата.

„Често доаѓам во Македонија во текот на годината. Јас неколку години работев во Македонија и тука ја запознав мојата сопруга, со која сега живеам во Германија. Значи од приватен, но и од професионален аспект мојот интерес за Македонија е постојан. Се информирам за состојбите во правосудството, најчесто преку медиумите, но, исто така, се информирам и за политичката криза. Мислам дека Македонија треба да собере сили да ја надмине таа криза, но треба да се нагласи и дека клучот за тоа всушност е кај самите граѓани“, истакнува адвокатот Хембах.

М.В