/ Прочитано:

630

ДИЖС: Поголем јавен увид во работењето на инспекциските служби

Со постоење на дигитален регистар на субјекти за инспекциски надзор на државно и локално ниво и база на податоци од спроведените инспекциските надзори, на граѓаните им се обезбедува поголем јавен увид во работењето на инспекциските служби, истакна на денешната презентација на дигиталниот регистар Дарко Блинков, раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка на Државниот инспекторат за животна средина.

Блинков нагласи дека начелото на јавност и транспарентност, како и националното и законодавството на ЕУ, наложуваат граѓаните да имаат слободен пристап до информациите од јавен карактер во врска со инспекцискиот надзор во животната средина.

Тој појасни дека во моментов дигиталниот регистар е во тест фаза и напомена оти се очекуваат сугестии и забелешки со цел да се усоврши.

Блинков информираше дека се прави целосна реорганизација на веб-страната на ДИЖС, а преку неа ќе се стига до дигиталниот регистар за субјекти на инспекциски надзори и инспекциски извешти за животна средина.

– Тоа претставува електронски регистар на субјекти на инспекциски надзор на државно локално ниво и база на податоци од извештаите од инспекциските надзори на ДИЖС. Направен е за полесно да добиваме информации од аспект на животна средина, наведе Блинков и додаде дека во него ќе бидат вметнати и податоци за интегрираните еколошки дозволи.

Имено, дигиталниот регистар ќе биде дел од системот Е-инспектор.

Сретен Стојковски, директор на ДИЖС на прес-конференцијата ги презентираше активностите од тековното работење на ДИЖС во изминатиот период.

Тој информираше дека во однос на координираните активности од областа на отпадот, МВР-БЈБ, УЈП и ДПИ, спровеле 68 вонредни инспекциски надзори во правни субјекти и физички лица кои постапуваат со отпад во 12 македонски градови. Стојковоски додаде дека се изготвени 28 решенија со кои се наредуваат одредени активности-задолженија, 18 решенија со забрана за работа, три постапки за спогодување за правни субјекти и три платни налози за физички лица од по 250 евра во денарска противвредност.

– ДИЖС во период од јануари до март спроведе вкупно 590 инспекциски надзори. Односно, 365 редовни инспекциски надзори, 92 контролни и 133 вонредни, наведе директорот на ДИЖС.

Тој посочи дека од јануари до март се изречени повеќе санкции.

–  Складови за секундарни суровини: три постапки за спогодување за правни субјекти и три платни налози за физички лица по 250 евра.  Поднесено е барање за покренување кривична постапка против непознат сторител за опожарување на трска во село Калишта,  Струга. За Боров Дол – Радовиш, Бучим – Радовиш, Билмак – Пробиштип, Комисијата за спогодување при МЖСПП одреди глоби од по, 70.000 евра, 40.000 и 33.000, односно за овие три предмети вкупно 143.000 евра, истакна Стојковски.

Додаде дека предметот за „Еуро-брик компани Велес“, е пред Комисија за спогодување, а станува збор за прекршок од трета категорија, за што може да се одреди максимален износ од 100.000 евра. Додека за ЈП „Водовод и Канализација“ Скопје и ЈП „Турија“ Василево, пак, се одредени прекршочни платни налози.

– Од мај со самостојни инспекциски надзори започнуваат и државните инспектори за животна средина Зоран Стојнев, Одделение за инспекциски надзор во животната средина Североисточен и Источен регион  и Бедри Сулејмани за Полошки регион, посочи директорот на ДИЖС.

Тој информираше дека ДИЖС во соработка со Секторот за ЕУ, Одделението за ИПА при МЖСПП и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија е во напредна фаза на усогласување на содржината на активностите за нов ЕУ-Твининг проект, што ќе запоне во март 2023 година, ќе трае 24 месеци, а ќе биде во вредност од еден милион евра.

 

Извор: МИА