/ Прочитано:

517

ДКСК: Годишен извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересите за 2021 година

Целосно реализирани само 22 активности (20%) од вкупно 111 активности предвидени за 2021 година во Националната стратегија 2021-2025 година

Целосно реализирани се само 22 активности (20%) од вкупно 111 активности предвидени за 2021 година, 30 активности (27%) се во тек на реализација, а 59 активности (53%) воопшто не се започнати со реализација, се наведува во Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересите за 2021 година.

Најголема реализација на активностите има во секторот правосудство (78%), па следуваат секторот медиуми и граѓанско општество (67%), хоризонталната област јавни набавки (33%) и секторот образование (22%).

Како што се наведува во Годишниот извештај, врз основа на направените анализи на добиените податоци, може да се изведе заклучок дека проценката на ризици од корупција по хоризонтални области и по сектори, направена при подготовката на Стратегијата останува и понатаму релевантна, односно генералните интерсекторски ризици од корупција и понатаму се:
– јавните набавки и инспекцискиот надзор кои се однесуваат на сите сектори и нивното влијание во општеството е највисоко,
– вработувањата во јавниот сектор важни се на ниво на централна и локална власт, поради што ризикот од корупција и во оваа хоризонтална област во општеството е многу висок,
– ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи ги поврзува јавниот и приватниот сектор и е многу висок како на ниво на централна така и на ниво на локална власт,
– постои висок ризик од корупција при доделување на грантови, субвенции и државна помош на централно и локално ниво.

Во сите анализирани сектори како заеднички именител утврдени се следните ризични фактори:
– силно политичко влијание во јавниот сектор;
– проблеми во владеењето на правото и ниска стапка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општество;
– неконзистентна регулатива што остава простор за злоупотреби и поттикнување на коруптивно однесување;
– ниско ниво на интегритетот на човечкиот фактор и
– недоволна транспарентност, систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор.

Препораки на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК):

1. Со оглед на нискиот процент на реализирани активности и мерки од Акциониот план на Стратегијата, како и на фактот дека во некои сектори не е реализирана ниту една активност, ДКСК смета дека е неопходно да се воспостави силен механизам за контрола, но и институционална одговорност за реализација на мерките. Во таа насока ДКСК предлага:
– да се интензивираат активностите на Собранието во насока на зголемена отчетност, одговорност и транспарентност на носителите на јавни функции во извршната власт, задолжени за спроведување на активностите од Стратегијата (комисиски, надзорни расправи и сл.).
– институциите – носители на активностите од Стратегијата, да создадат услови за континуиран и ефективен систем за известување за степенот на реализација на активностите за кои се задолжени, во рамки на институцијата, како и кон ДКСК.
– обезбедување средства за зајакнување на капацитетот на ДКСК со формирање на Одделение за следење на реализацијата на Стратегијата, за континуирана комуникација со институциите, со цел да биде активен двигател за реализацијата на активностите, преку квартално прибирање на податоци од институциите и редовно одржување состаноци по области.

2. Согласно ЗСКСИ да се изврши изменување и дополнување на Стратегијата, во насока на:
– ажурирање и прилагодување на мерките и активностите (рок за реализација, индикатор, надлежна институција и др.).
– вградување на предлозите на собраниските тела при усвојувањето на Стратегијата.
– дефинирање на дополнително детектирани приоритетни проблеми, кои се однесуваат на инспекциските служби и располагањето со имот во државна сопственост и сопственост на единиците на локалната самоуправа.

 

Целосниот текст на Годишниот извештај за спроведување на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 за период 01.01.2021 – 31.12.2021 може да го погледнете на следниот линк: Годишен извештај