/ Прочитано:

3.945

Разговор со Злате Стојановски, в. д. раководител на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд

До Државниот инспекторат за труд работниците најмногу се жалат на неисплаќањето на платите

Во Македонија е потребно поголемо и посилно синдикално организирање со нагласена заштита на работничките права и правата од работен однос, за кои пак, работодавците мора да имаат свест и развиена практика на доследно законско почитување, вели Злате Стојановски, в. д. раководител на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд, кој ќе биде предавач на обуката во организација на Академик посветена на инспекцискиот надзор врз работните односи и врз безбедноста и здравјето при работа.

„Како што се пропишува во Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, на кои им е дадена сила на закон. Според Законот за работните односи, со договорот за вработување и со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон“, вели Стојановски.

Исто така, додава Стојановски, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат права кои за работниците се поповолни отколку што ги определува Законот за работните односи. Колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, во согласност со Националната класификација на дејности, и поединечен на ниво на работодавец.

За жал, истакнува Стојановски, во државава немаме многу колективни договори на ниво на гранки и на ниво на работодавец и секако дека поголемиот број на вакви колективни договори би придонел за поголема заштита на правата на работниците и на трудовите права воопшто. На општо ниво постои еден колективен договор од областа на стопанството и еден од областа на нестопанската дејност.

Според законите од областа на трудовото законодавство инспекциски надзор врши Државниот инспекторат за труд или популарно познат како Трудова инспекција, кој функционира како орган во составот на Министерството.

Во Секторот за работни односи се вршат инспекторски надзори и инспекциски работи од областа на работното законодавство. Исто така, Секторот е задолжен за вршење инспекциски надзор кај работодавците за начинот на примена на законите и другите прописи од областа на работното законодавство, колективните договори и договорите за работа.

Законот за работните односи конкретно определува дека инспекциски надзор се врши над примената на ЗРО, прописите за вработувањето и другите прописи од областа на трудот, колективните договори и договорите за работа со кои се уредуваат правата и обврските на работникот и работодавецот од работниот однос. Исто така,  се врши надзор и на други договори со кои е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон.

„Државниот инспекторат за труд го врши инспекцискиот надзор врз основа на годишна програма, квартални планови и по претставки. Инспекцијата се врши за сите права и обврски на работодавецот во однос на работниците, нивниот број и распоредување, исплатата на плати и надоместоци, евиденцијата на работниците и сите други права предвидени со пропис“, образложува раководителот на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд.

До Државниот инспекторат за труд, истакнува раководителот Стојановски, најмногу претставки од страна на работниците се поднесуваат во врска со исплатата на платите, односно неисплаќањето на платите од страна на работодавците. Во врска со минималната плата, додава Стојановски, не постои драстично непостапување од страна на работодавците, иако тоа беше случај на почетокот од примената на законските измени за минималната плата.

„Чести се и претставките во врска со додатоците на плата, неисплаќањето на плата како што е предвидена со договорот за вработување, како и за неисплаќањето на надоместоци по престанокот на работниот однос, а за кои работникот има право. Исто така, има претставки и во врска со неисплаќањето на прекувремената работа и работата за време на празници“, вели Стојановски.

Тој посочува дека помеѓу претставките има и претставки за мобинг и дискриминација. Тука, додава Стојановски, треба да се нагласи дека актуелниот закон не остава многу простор за инспекцијата бидејќи така како што е уредена постапката таа повеќе претставува прашање на доказна постапка.

Злате Стојановски, в. д. раководител на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд, вели дека праксата воочила слабости во нормативното уредување на работните односи, како и во неговата примена.

„Измените на Законот за работните односи се најавени и нивната клучна цел, според најавите, е да се надминат слабостите во законските решенија. За таа цел се формирани и работни групи кои треба да укажат на овие слабости кои треба да се надминат во иднина“, вели Стојановски.

Но, додава раководителот Злате Стојановски, прашањето за почитувањето на трудовите права и правата од работен однос не е прашање само на законските одредби. За работничките права клучно е и синдикалното организирање, кое во Македонија мора да биде посилно.

Работниците,  вели Стојановски, не треба да очекуваат дека Државниот инспекторат за труд ќе ги реши прашањата за кои тие примарно и генерално треба да се организираат. Работодавците, исто така, треба да имаат изградена свест и етика за работничките права и секогаш како пример да ги земаат позитивните компаративни примери.

„Во некои западни земји, на пример, прекувременото работење значи навремена и многу поголема исплата на работникот и воопшто не се поставува прашањето дали тој треба или не треба да биде исплатен. За жал, од друга страна, во Македонија може да се констатира дека дури и одредени странски фирми кои доаѓаат не ги почитуваат работничките права“, резимира Стојановски.

М.В