/Прочитано:

384

До крајот на годината буџетот и трезорот на интернет-платформи

До крајот на годината само неколку кликнувања ќе ги делат граѓаните до клучните информации во буџетот и исплатите  од трезорот. Напоредно во Министерството за финансии се подготвуваат платформата „Отворено финансирање“ и веб-апликацијата за граѓански буџет, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, на конференцијата „Водење бизнис во општеството управувано од податоци“, која се одржува денеска во организација на „ЦЕЕД“ Македонија, Амбасадата на САД и „Ворлд Чикаго“.

„Во Министерството за финансии, ние ја препознаваме важноста на податоците. Затоа работиме на нова платформа базирана на интернет, наречена Отворено финансирање, која ќе им овозможи на нашите граѓани да имаат увид во сите расходи на Владата во реално време. Очекуваме таа платформа да стапи во функција до крајот на оваа година“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

„Живееме во свет кој многу брзо се менува и за кој се потребни податоци за да го разбереме. На пример, Фејсбук е најголемата медиумска куќа, а нема произведено ниту една вест. Аирбнб е најголема хотелска компанија, а нема ниту една соба во сопственост. Најголемата такси компанија Убер не поседува ниту едно возило. Клучни се податоците“, додаде министерот.

Заменик-амбасадорот во Амбасадата на САД во Република Македонија, Микаела Швајцер-Блум, истакна дека во 21 век најуспешни се компаниите кои успешно управуваат со податоците, додека најуспешни се владите кои се партнери со компаниите, со граѓанските организации и со граѓаните. Таа истакна дека е клучна соработката помеѓу Владата и јавноста, особено транспарентноста и пристапот до информации за да се развие економијата.

М.В