До подобри закони преку поголема вклученост на граѓанскиот сектор
Денеска во Собранието се одржа форум на „Цивика мобилитас“ за соработката меѓу Собранието и граѓанските организации. На форумот беше истакнато дека донесувањето на законите треба да биде низ транспарентна процедура, со јавна дебата и со меѓусебна соработка и консултации на власта, опозицијата и граѓанскиот сектор.
Во таа насока, на настанот беше потенцирана важноста од нови законски измени за поголема соработка меѓу граѓанските организации и законодавната власт, и тоа преку целосна вклученост во законодавната процедура. Пратениците, беше подвлечено на настанот, треба да имаат повеќе слух за предлозите на граѓанскиот сектор бидејќи тие предлози произлегуваат од опсежни анализи, истражувања и констатирани слабости во одредени сфери.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање истакна дека кога ќе се спомне парламентарна демократија, се мисли на работењето и функционирањето на Собранието.
„Меѓутоа, исто така, верувам дека сите ќе се согласиме дека парламентарната демократија е неделив процес и мора да биде сеприсутна, како во сите три гранки на власта така и во општеството во целост, односно не можеме да зборуваме за демократија во Собранието ако имаме најблаго речено отуѓена извршна власт. Во исто време, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија ако немаме владеење на правото, функционална правна држава и секако, транспарентност и отчетност. И на крајот, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија без вклученост на невладиниот сектор, експертската јавност и граѓанинот како поединец“, рече Џафери.
„Да не заборавиме дека граѓанското општество преку невладините организации, од една страна, мобилизира многу поширок круг граѓани кои сакаат да партиципираат во креирањето и водењето на јавните политики во кои се инкорпорирани нивните интереси. Понатаму, самите невладини организации се многу помобилни и ја немаат онаа класична партиска организираност која во недоволно развиените демократски општества ја гуши иницијативноста, па, ако сакате, и креативноста на членството, на сметка на отуѓените политички елити“, додаде Џафери…Граѓанските организации реагираат поради недоволната вклученост во подготовката на законските решенија
М.В