/ Прочитано:

2.164

„ДОБАР СУДИЈА Е ОНОЈ ШТО САКА ДА БИДЕ ТОА“ – Судиите говореа за етиката и интегритетот како одговор на притисоците

Судиската етиката и интегритетот, доследното почитување и применување на Бенгалорските начела, како и практиката на препознавање на етичките дилеми низ секојдневното вршење на функцијата, се императив за секој добар судија, а добар судија е оној кој сака да биде добар судија. Добриот судија има карактер и e човек со цврсто изграден морален систем – беше нагласено на денешното советување „Етиката и интегритет на судиите да се справат со притисоци“, кое се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

На Советувањето организирано од Академијата за судии и обвинители  и Здружението на судии на Република Македонија, а во рамки на обврската која произлегува од Акцискиот план на Владата на РМ за спроведување на препораките од извештајот на Рајнхард Прибе и во рамките на ИПА проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“, учествуваа судии од сите инстанци и од сите апелациони подрачја, членови на Здружението на судии на Република Македонија, претставници на Делегацијата на ЕУ, претставници на странските мисии во Република Македонија и странски партнери со кои Академијата соработува, како и претставници на невладиниот сектор.

На настанот, во врска со етиката, етичките стандарди интегритетот говореа Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република Хрватска, претседател на Здружението на судии на Република Хрватска, потпретседател на CCJE при Совет на Европа и потпретседател на Меѓународното здружение на судии и Нина Бетето, судија и потпретседател на Врховниот суд на Република Словенија и член на Бирото на CCJE при Советот на Европа. Свои излагања имаа и Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и шеф на Делегацијата на Република Mакедонија во ГРЕКО, Антоанета Димовска, судија на Основен суд Скопје 2 – Скопје и потпретседател на Здружението на судии на Република Македонија и Јордан Апостолски, адвокат и главен правен експерт на ИПА 2010.

„Сите судии имаат етички дилеми низ праксата, оние кои немаат – не ги препознаваат“

Судијката на Врховниот суд на Република Словенија, Нина Бетето, на почеткот од советувањето, ги запраша своите македонски колеги  дали воопшто имале некаква етичка дилема низ праксата, потенцирајќи дека добро е судијата да има такви дилеми затоа што, како што подвлече, тоа е знак дека судијата ги препознал етичките дилеми со кои се соочува.

„Сите судии имаат етички дилеми низ праксата, но и низ од секојдневното живеење. Сигурно дека секој судија се соочува со такви секојдневни дилеми. На пример, дилемата како – дали да одам на роденденот кај детето на мојот пријател адвокат? Или пак, дали да имам сопствен фејсбук профил. Оттука, дилемите се разни низ животот, на различни нивоа, затоа што професијата има и социолошки карактеристики. Мислам дека јасно е дека судијата, всушност, ја има најосамената професија на светот“, истакна Бетето. Судијката рече дека во Словенија, при анкетирањето на судиите за нивните етички дилеми, 60% од нив одговориле дека такви дилеми имале. „Загрижувачки се“, додаде Бетето, „оние 40% судии кои одговориле дека немаат етички дилеми, тоа значи дека овие судии не можеле да ги препознаат таквите дилеми“.

„Судијата треба да е добар слушател, да има карактер и изграден морален систем“

Потпретседателката на словенечкиот Врховен суд, посочи дека за доследно извршување на судиската функција, а поаѓајќи од социолошката димензија на професијата, судијата мора да биде и „добар слушател“, но и да биде човек со „изграден морален систем“. „Добар судија“, рече словенечката судија, „е оној судија кој сака тоа да биде“.

„Без карактерни судии не може да има ниту добро судство. Оттука, внатрешниот кодекс на судиите е од исклучиво значење за судиите. Тоа е основа за почитувањето на етичкиот кодекс на судиите и на самите етички правила. А што се во таа смисла етичките правила? Етичките правила, за разлика од правните правила, се автономни правила. За судиите и адвокатите, тоа се автономни правила, донесени од страна на судската и адвокатската заедница. Тоа е наш внатрешен компас, смерница за судиите, и секако, за колегите адвокати“, образложи судијката.

„Словенечкото Министерство за правда имаше обид да донесе Кодекс за етика за адвокатите – тоа е погрешно, тоа е во домен на адвокатите“

Судијката Бетето, во таа смисла, посочи дека во Словенија имало обид од страна на Министерството за правда да донесе Кодекс за етика за адвокатите и  тоа, како што истакна, е нешто што е многу погрешно и нелогично.

„Затоа е добро што во Македонија таквите кодекси ги носи Адвокатската комора и Здружението на судиите. Исто така, одлично е што македонскиот Етички кодекс се заснова и на Бенгалорските начела. За мене најважни се овие начела. Во нив темелно се разработува независноста, непристрасноста, интегритетот, достоинството, еднаквоста, способноста, трудољубивоста и транспаренстноста на судиите. Сето ова се квалитети кои судијата треба да ги поседува“, рече Бетето.

Колку независност е потребна?

Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република  Хрватска, говореше за етиката за судиите од аспект на пошироката општествена феноменологија. Тој запраша колку, всушност, независност е потребна за да судиите имаат независна функција, заснована на етичките начела и интегритетот.

„Колку всушност независност е потребна? Апсолутна независност не постои. Во вакум не може да се живее и затоа клучното прашање е колку независност е потребна за судиите, како да одговорат на притисоците и дилемите во таа насока? Постојат неколку димензии кои го опфаќаат одговорот на ова прашање. Секако, карактерот и етиката на судијата се важни, но тоа, исто така, не е единствен услов. Во таа насока, треба да се укаже дека за независноста на судијата важни се процедуралната димензија во смисла на процедуралните правила, политичката димензија во смисла на изборот и именувањето на судиите и етичката димензија во смисла на автономните правила“, истакна потпретседателот на Меѓународното здружение на судии и претседател на хрватското Здружение на судии.

„Служба е служба, дружба е дружба!“

Во контекст на политичките влијанија, судијата Сеса, како „деликатно“ го оцени прашањето за судиите и нивните политичките активности, нагласувајќи дека судиите треба да бидат подалеку од „дворот на политиката“, а поблиску до етиката.

„Знаете, служба е служба, дружба е дружба!“, нагласи познатиот хрватски судија.

„Кога судиите говорат за нешто што се однесува за политиката, тие веќе навлегуваат во двориштето на политиката. Затоа судиите треба да се воздржуваат од такви излагања, за да не бидат погрешно сфатени, протолкувани и интерпретирани. И, ова прашање е глобално, и има различни примери. Во Германија, на пример, судиите може учествуваат во некои локални управи, но тоа таму е така, таму тоа може да функционира.  На Балканот дали би функционирало тоа – не верувам“, истакна Сеса.

„Подалеку од дворот на политиката“

Според европските стандарди, на кои укажа хрватскиот судија, судиите треба да се воздржуваат од судскиот активизам, не треба да ги коментираат судските процеси кои се во тек и да не ги користат односите со новинарите во свои цели. „Јавноста“, додава Сеса, „има право да знае и да биде информирана, но низ јасно образложување на одлуките во јавноста“. Тој, во рамки на дискусијата, подвлече дека судиите најмногу може да се под притисок од политички и бизнис центри и моќници, кои за таа намена често ги користат медиумите.

Според Сеса, Етичкиот кодекс кој постои во Македонија од 2014 година е добра основа за судската етика, но подвлече дека неговата примена е најважна затоа што, како што рече, „секој судија мора да препознае кои се проблемите и кои се етичките дилеми, да размислува за нив и да одлучи како да се однесува“.

Антоанета Димовска, судија на Основен суд Скопје 2 – Скопје и потпретседател на Здружението на судии на Република Македонија, истакна дека граѓаните од судиите очекуваат непристрасност, но тоа го очекуваат и двете странки во спорот. Од тие причини судијата треба да има вештини да балансира во спорот, но и стручност да го реши.

„На судијата лесно може  да се случи некому да му брцне во око, но треба да е храбар“

„Што очекува еден граѓанин кога ќе дојде во судот? Тој очекува судијата да биде непристрасен, но тоа го чека и другата страна. Затоа ние мора да имаме вештини, умешност и мудрост, но мора да имаме и стручност“, рече Димовска. Лојалноста, храброста, хуманоста, чувството за реалност, способноста за комуникација, способноста да биде добар слушател и поседувањето на знаење, се атрибутите кои ги издвојува Димовска за тоа што би требало „да поседува и претставува еден добар судија“.

„Првенствено, судијата треба да се биде лојален кон професијата. Треба да се биде хуман, но да се биде и храбар, може лесно да се случи некому да му брцне в око. Судијата треба да има мудрост, но и да има чувство за реалност и да не биде надвор од реалноста при носењето на одлуките. Ова особено важи во случаи кога законите се недоречени. Кога сум гледала некои пресуди, сум се запрашала – Па,  добро дали овој судија живее во Македонија?, истакна Димовска.

Таа порача дека судиите не треба да бидат суетни, да бидат транспарентни и да имаат интегритет. „Знаењето кај судиите“, рече Димовска, „се претпоставува дека постои, но тоа, како и интегритетот се гледа низ правораздавањето“.

„Најопасни се судиите кои го знаат правото, но донесуваат пресуди кога некој ќе им намигне“

„Има луѓе кои го знаат правото, но немаат интегритет. Најопасни судии се оние го познаваат правото, но немаат интегритет и донесуваат пресуда само кога некој ќе им намигне“, рече Димовска, која упати и критика што при донесувањето на закони од областа на судството не биле вклучени како фела, освен со куртоазната покана – „Ве викаме, колку да не дојдете“.

Директорката  на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, како шеф на Делегацијата на Република Mакедонија во ГРЕКО рече дека денешното советување е целосно усогласено со реализацијата една од позначајните проектни активности во рамките на ИПА Проектот, како и со препораките на ГРЕКО Комитетот при Совет на Европа содржани во 4 круг на оценка, а тоа е создавање на Водич/ Прирачник за судиска етика.

Соодветни мерки во насока на јакнење на независноста, непристрасноста и интегритетот на судиите

„Согласно препораките на ГРЕКО Комитетот потребно е да се преземат соодветни мерки во насока на јакнење на независноста, непристрасноста и интегритетот на судиите, меѓу другото, да се воведат специфични упатства и обуки за прашањата на етика, очекувано однесување, превенција на корупција и судир на интереси и други поврзани прашања и кодекс на професионално однесување“, рече Арнаудовска.

Во рамки на дискусијата, Арнаудовска појасни дека во последниот период, исто така, во рамки на ГРЕКО се разгледувала независноста на превентивните механизми, како и поконкретно прашањата за изборите, разрешувањето, дисциплинската одговорност и прашањето за евалуација на судиите.

„На многу држави ГРЕКО им препорача да го изменат составот на Судскиот совет. Но, тоа не може да се препорача на Германија, која смета дека за такво нешто нема потреба“, рече Арнаудовска. Таа појасни дека постоењето на Судските совети всушност е препорака на ГРЕКО, кој, исто така, препорачува тие да бидат раководени од судии.

„Мора да ги детектираме ризиците за корупција, меѓу судииите и судската администрација“

Во таа насока, Арнаудовска подвлече дека во однос на Македонија, во извештајот на Европската комисија се поставува прашањето за воведувањето на Судскиот совет и неговата улога, додека пак, од друга страна, тоа е препорака на ГРЕКО, што укажува на сосема различни препораки и перцепции.

Арнаудовска потсети на овогодинешната регионалната конференција „Aнтикорупција:Најдобри практики во борбата против јавната корупција“ која се одржа во Охрид, каде се разгледаа бројни прашања за борбата против корупцијата, помеѓу кои и прашањето за етиката, како суштински одговор на борбата против корупцијата. На овој настан, говореше и познатиот судија, д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа, кој како и денешните говорници, потенцираше дека „добрите прописи, добрите луѓе, правната етика и промената на свеста се клучните и неопходните елементи во борбата против корупцијата.

„Мора да ги детектираме ризиците за корупција, меѓу судииите и судската администрација. Прво треба дијагностицирање, па потоа треба лекување. Значи прво треба да се види каде се крши етичкиот кодекс, а каде има корупција“, резимираше Анета Арнаудовска на денешниот настан.

СУДИИ, АДВОКАТИ И ОБВИНИТЕЛИ ЗА АНТИКОРУПЦИЈАТА: „Најдобри практики во борбата против јавната корупција“ ЧИТАЊЕ КНИГИ И СУДСКА ПРАКСА, ЕТИКА И ИСКУСТВО, тоа е потребно за да се биде добар судија“ – интервју со д-р Милка Ристова ИНТЕРВЈУ СО Д-Р МАРИН МРЧЕЛА, судија и претседател на ГРЕКО: „За борба против корупцијата потребни се добри луѓе“ КОДЕКС НА СУДИСКА ЕТИКА ЕТИЧКИ ДИЛЕМИ ЗА СУДИСКОTO ОДНЕСУВАЊЕ: Ароганција и крутост или насмевка и смисла за хумор БЕНГАЛОРСКИ НАЧЕЛА ЗА СУДСКО ПОВЕДЕНИЕ М.В / veljanoskim@akademik.mk

13.11.2015