/ Прочитано:

1.187

„Добриот судија доблесно се однесува кон професијата“ – Нинослав Нанков, победник на Ораторската вечер „Иво Пухан“

Добриот судија работи во согласност со законот и во духот на правото, има морал, почит кон себеси, вели за Академик Нинослав Нанков, победник на XXII Ораторска вечер „Иво Пухан“, која се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Нанков, кој е апсолвент на правни студии, на Ораторската вечер победи со говорот „Црни тоги“, посветен на судството.

„Нема слобода, ако судската власт е зависна од законодавната и од извршната власт. Драги чичковци и тетки во црни тоги, ги заборавивте ли овие зборови на Монтескје? Половина од македонскиот народ ја оценува работата на правосудството како лоша, а само 1/6 ја оценува како добра“ – дел од победничкиот говор на Ораторската вечер.

Што ве инспирираше за вашиот говор, односно зошто беше потребно темата за судството да биде акцентирана низ призмата на ораторството?

Инспирацијата за мојот говор беше загрижувачката состојба во правосудниот систем на Република Македонија и, секако, факултетот што го студирам. Оваа година темата беше слободна и се одлучив да зборувам на стручна тема затоа што говорницата и Ораторската вечер „Иво Пухан” се вистинското место од каде што може гласно да се кажат работите што го загрижуваат еден студент и да предизвикаат промени.

Според вас, што треба да преставува еден „добар судија“?

Добриот судија работи во согласност со законот и во духот на правото, има морал, почит кон себеси, кон колегите и кон странките, доследно и доблесно се однесува кон професијата што ја извршува и, секако, не е подложен на надворешни влијанија кои би му донеле одредени лукративни бенефиции.

Што е потребно за да се биде добар оратор?

Добар оратор може да се стане, потребна е силна волја и желба да се стои на говорницата и да се зборува гласно, а секако е потребно многу работа и труд за да се постигне зацртаната цел.

Дали е потребно правниците да бидат добри оратори?

Исклучително е важно. Покрај доброто познавање на законските норми и одредби, правникот треба да биде и добар оратор за да може да го пренесе напишаното на вистински начин и да биде на висина на задачата што ја извршува. Оружјето на правниците е доброто познавање на законот и на ораторските вештини.

Која дисциплина од правото ви е омилена и како би се насочиле понатаму во професионалниот развој?

Особено интересна и можам да кажам омилена ми е дисциплината казнено право бидејќи е многу динамична и ми предизвикува многу адреналин. Тоа се карактеристиките што ме привлекуваат да се интересирам за оваа дисциплина од правото и можеби во иднина да се насочам кон судската или обвинителната професија во таа област.

„ЦРНИ ТОГИ“ – победничкиот говор на Нинослав Нанков на XXII Ораторска вечер „Иво Пухан“

На „Јустинијан Први“ се одржа  XXII Ораторска вечер „Иво Пухан

М.В