/ Прочитано:

5.078

Доделување лиценци на новите адвокати кои дадоа свечена заклетва

Четириесет и тројца нови адвокати во мартовската сесија 2018 година се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност.

Адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придржуваат на Уставот, на законодавството, на меѓународните договори и на актите на Адвокатската комора.

„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи свечената адвокатска заклетва.

На свеченоста се обрати претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), Никола Додевски, кој им порача на новите адвокати храбро да ја вршат професијата и да го штитат достоинството и угледот на адвокатурата.

„Ниту во судница ниту надвор од судница немојте да заборавате дека адвокатурата е достоинствена професија. Немојте да заборавате дека таа околност зависи најмногу од вас. Во секоја прилика имајте почит кон институциите, кон колегите, кон нашата професија и верувајте ми дека така секој ќе ве почитува. Немојте да дозволите да ве напаѓаат заради тоа што не сме биле компактни или заради тоа што не сме биле сложни. Адвокатската комора е ваша комора. Таа не е илузија, не е имагинација, не е здружение – таа е формирана со закон од сите вас. Ние сме само претседател, управен орган, органи кои  ѝ служат на Комората, но вие сте Адвокатската комора…“

„Секогаш кога ќе се спомене Адвокатската комора, да знаете дека ве спомнуваат вас лично. Секогаш кога некој ќе каже нешто лошо за Адвокатската комора, да знаете дека кажува лошо за секој од вас лично. Бранете ја Адвокатската комора како што ја браните адвокатската професија бидејќи на тој начин се браните себе си. Ви посакувам успех во адвокатурата и бидете достоинствени“, истакна претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски.

М.В