/ Прочитано:

1.140

Долги преговори за можна, трета по ред коалиција меѓу демохристијаните и социјалдемократите во Германија

Во Германија повторно е можна коалиција меѓу демохристијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ предводен од канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц. Вакви се предвидувањата на политичките аналитичари по синоќешните разговори на раководството на Социјалдемократската партија СПД, кои траеја речиси до раните утрински часови. Имено, претседателството на СПД во текот на ноќта ги разгледувало сите можности за преговори со унијата ЦДУ/ЦСУ околу продолжувањето на таканаречената голема коалиција.

И покрај решителното тврдење на лидерот на Социјалдемократската партија во Германија, Мартин Шулц, кој на годинешните парламентарни избори во земјата беше и кандидат за канцелар, дека неговата партија нема да коалицира со владејачката унија, ЦДУ/ЦСУ, предводена од канцеларката Ангела Меркел, сепак на повидок е уште едно коалицирање. Доколку ова се оствари, тоа би било веќе трет пат, односно од 2005 година, ЦДУ и ЦСУ заедно со СПД да формираат заедничка владејачка коалиција.

Вакви се предвидувањата по синоќешните разговори на раководството на социјалдемократите, кои траеја речиси до раните утрински часови. Имено, претседателството на СПД во текот на ноќта ги разгледувало сите можности за преговори со унијата ЦДУ/ЦСУ околу продолжувањето на таканаречената голема коалиција.

Со цел што поскоро да се формира влада, активно се вклучи и германскиот претседател Франк ВалтерШтајнмаер, кој во текот на изминатите денови имаше средби со лидерите на политичките партии. Неговите напори да се обезбеди стабилна Влада во земјата следуваат откако на почетокот на оваа недела пропаднаа сите надежи за формирање коалиција меѓу Унијата ЦДУ/ЦСУ со малите партии во Германија, односно со партијата Слободна демократска партија (ФДП) и зелените.

Инаку, претседателот наГерманија, Штајнмаер, кој е од редовите на социјалдемократите, има право да донесе конечна одлука,иако неговото членство е во мирување за време на претседателскиот мандат. Тоа значи дека Штајнмаер може да реши и да го распушти Бундестагот и да закаже нови избори, доколку и по трет обид Меркел не успее да собере апсолутно мнозинство и да формира Влада.

Истовремено, политичките чекори на Меркел будно се следат и од страна на пошироката јавност. Според последната анкета на Институтот ИНСА за германскиот весник „Билд“, дури половина од граѓаните во Германија сакаат предвремени парламентарни, откако пропаднаа преговорите на Меркел за коалицирање со ФДПи зелените. Резултатите од истражувањето покажуваат дека 49,9 проценти од анкетираните потврдиле дека сакаат предвремени избори, а само 20 отсто се изјасниле дека поддржуваат формирање на малцинска влада.

Од друга страна, пак, анкетата на ИНСА покажува дека само 18 отстоод анкетираните се изјасниле за уште едно коалицирање меѓу социјалдемократите со Унијата ЦДУ/ЦСУна Меркел.

Резултатите од ова најново истражување на Институтот ИНСА покажуваат и дека дури и да се случат предвремени парламентарни избори во Германија, нема да има големи промени во однос на бројот на пратеничките места во Бундестагот, односно предвидувањата се дека за ЦДУ/ЦСУ би гласале околу 30 проценти од Германците, социјалдемократите повторно би добиле поддршка од околу 20 проценти, а потоа би следувале партијата на зелените и ФДП, кои би добиле поддршка по околу 10 проценти од гласовите на избирачите.

Инаку, преговорите за формирање стабилна влада во Германија траат веќе два месеца, односно веднаш по парламентарните избори кои се одржаа на 24 септември.

А. Б.