/ Прочитано:

5.413

Должностите на трговците за гаранцијата и сервисирањето во Законот за заштита на потрошувачите

Трговецот мора при продажбата на производите на потрошувачот да му ги предаде и да му ги предочи пропишаните документи и документите кои ги изготвил производителот заради полесна и сигурна употреба на производот (декларација, гаранција, технички упатства, упатства за склопување, упатства за користење, попис на овластените сервиси и слично), се пропишува во Законот за заштита на потрошувачите.

Трговецот е должен, во согласност со техничките прописи со кои се определуваат производите за кои производителот, увозникот, односно застапникот на странска фирма мора да издаде гаранција за квалитетот, односно за исправното функционирање на производот, документ за начинот на употреба на производот, да обезбеди сервис за одржување и поправка и снабдување со резервни делови во гарантниот рок.

Трговецот е должен најмалку за пет години од денот на производството на производот, но не помалку од две години од денот на истекот на гаранцијата на производот да обезбеди резервни делови.

Во согласност со потрошувачот, производот може да се сервисира најмногу три пати во рамките на гарантниот рок и доколку не се поправи производот, потрошувачот има право да бара од трговецот да го замени со ист таков нов и исправен производ или да му го врати платениот износ на потрошувачот за купениот производ.

Потрошувачот нема право да бара замена на производот или враќање на платениот износ во согласност со ставот 1 на овој член доколку недостатокот што се сервисира е минимален, односно не влијае врз квалитетот и перформансите на основната функција на производот.

Производителот е должен да се придржува на обврските од гарантниот лист.

Гаранцијата содржи:

– фирма, односно назив и седиште на давателот на гаранцијата;

– податоци за производот со кој се идентификува производот;

– изјава за гаранцијата и за условите на гаранцијата;

– траење на гарантниот рок;

– рок во кој трговецот е должен да постапи по барањето на корисникот на гаранцијата и да ги отстрани дефектите и недостатоците на производот;

– фирма, односно назив и седиште на трговското друштво или друго правно или физичко лице што производот го продал на мало, датум на продажбата, печат и потпис на овластениот работник.

– изјава дека потрошувачот ги има законските права кои произлегуваат од националното законодавство кое ја регулира продажбата на производите и дека овие права не се загрозени со гаранцијата.

Трошоците за материјалот, резервните делови, работата, преносот и превозот на производот што настануваат при отстранување на дефектите, односно замената на производот со нов производ врз основа на гаранцијата, паѓаат на товар на давателот на гаранцијата.

Документите мора да бидат напишани јасно и читливо на македонски јазик и кирилско писмо, што не ја исклучува можноста истовремено употреба и на другите јазици и знаци лесно разбирливи за потрошувачот.

М.В