/ Прочитано:

671

Доминира бројот на евидентирани предмети за случаи на корупција во јавните набавки

„Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата со статистички податоци за кривични предмети од областа корупција за 2019 година, при што беше задолжено Министерството за правда, во рамки на Работната група за преглед и ажурирање на методологијата за релевантен статистички систем за мониторинг на антикорупциската политика, да продолжи да презема активности за редовно користење на системот за собирање и обработка на статистички податоци за следење на предметите за случаите на корупција кои претставуваат значаен сегмент во градењето на антикорупциската политика и следењето на нејзината ефективност“, посочуваат од Владата.

Преземањето активности за развој на систем за следење на предметите за случаите на корупција и генерирање статистички извештаи за мониторинг на антикорупциската политика е во согласност со Десетте принципи за унапредување на борбата против корупцијата во земјите кои пристапуваат, земјите кандидати за членки на Европската Унија и други трети земји.

Статистичките податоци кои ги собира Министерството за правда се користат за ажурирање на материјалот со кој се известува Европската комисија и да послужат за натамошна анализа на состојбите со ефикасноста на правосудните и другите органи во постапувањето по предметите за случаите на корупција.

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2016 година забележано е дека сѐ уште постои потреба да се воспостави уверлива евиденција и успешност во постапувањето по предмети за случаи на корупција, особено за случаи на корупција од висок профил, вклучително и евиденција на повратот на имот (мерки конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети).  Во 2019 година забележан е добар напредок во областа борба против корупцијата, и тоа со консолидирање на евиденцијата на истраги, обвиненијата и судења за случаи на корупција од висок профил и со измени во законодавството.

Според статистичките податоци, во 2019 година, новооформени биле вкупно 41 предмет за кривични дела од областа корупција, во кој број се вклучени и предметите за случаи на корупција од висок профил.

„Во 2019 година, во предмети за кривични дела од областа корупција биле издадени 17 наредби за спроведувања истрага и доминира бројот на евидентирани предмети за случаи на корупција во јавни набавки. Истата година, евидентирани се вкупно 9 нови предмети за случаи на корупција од висок профил и сите тие во текот на 2019 година се статус „во тек“. Истата година биле подигнати вкупно 10 обвинителни акти, а донесени се 10 пресуди, од кои една пресуда е ослободителна“, образложуваат од Владата во врска со податоците за корупцијата.

М.В