/ Прочитано:

1.546

Домот на лордовите изгласа амандман – пратениците ќе го имаат конечниот збор за Брегзит

Со амандманот се предвидува секој договор што се однесува на излегувањето на Велика Британија од Унијата прво да биде претставен пред британските пратеници, а дури потоа за него да се дебатира во Европскиот парламент. Изгласувањето на овој амандман, според политичките аналитичари во Лондон, претставува најголем пораз што една влада во Велика Британија го доживеала во Горниот дом на Парламентот уште од 1831 година.

Горниот дом на британскиот Парламент усвои амандман во согласност со кој пратениците ќе го имаат последниот збор за условите во договорот за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Со ваков чекор, како што пишуваат британските медиуми, Домот на лордовите ѝ зададе уште еден удар на премиерката Тереза Меј.

За амандманот гласале 366 членови на Парламентот, додека 268 биле против. Со амандманот се предвидува секој договор што се однесува на излегувањето на Велика Британија од Унијата прво да биде претставен пред британските пратеници, а дури потоа за него да се дебатира во Европскиот парламент. Изгласувањето на овој амандман, според политичките аналитичари во Лондон, претставува најголем пораз што една влада во Велика Британија го доживеала во Горниот дом на Парламентот уште од 1831 година. Тие сметаат дека ова, исто така, претставува понижување за актуелната премиерка Тереза Меј, која досега два пати губи во врска со законот за Брегзит, што треба да ѝ овозможи да го покрене членот 50 од Лисабонскиот договор и да ги почне формалните преговори за излегување од ЕУ.

Владините министри кои работат на процесот на Брегзит тврдат дека изгласаниот амандман само ја „поткопува“ позицијата на премиерката Меј во преговорите со официјален Брисел.

Во меѓувреме, поранешниот заменик премиер и министер во неколку британски конзервативни влади, лорд Хезелтајн е сменет од должноста советник во Кабинетот на Тереза Меј, откако тој во Горниот дом гласаше за амандманот на опозицијата.

Имено, Хезелтајн, заедно со уште 12 други ториевци, членови на Домот на лордовите, го поддржа барањето за гласање во Парламентот во врска со конечниот договор што Велика Британија ќе го постигне со ЕУ за Брегзит и покрај острото спротивставување на Владата.

Во изјава за радио Би-Би-Си, Хезелтајн рече дека за своето сменување дознал неколку часа по завршувањето на гласањето.

„Сите премиери со кои имам работено досега, вклучувајќи ја и Меј, пред референдумот за ЕУ, ме уверуваа дека основно за Велика Британија е да си бара сопствени интереси во Европа“, изјави Хезелтајн.

Тој е еден од ветераните на Конзервативната партија и еден од најугледните ториевски политичари. Беше министер во владите на Маргарет Тачер и на Џон Мејџор, но е познат по тоа што го предводеше партискиот пуч што доведе до смена на „челичната леди“.

За советник во Владата беше поставен од претходниот премиер Дејвид Камерон.

Во кампањата за референдумот од 23 јуни, лорд Хезелтајн агитираше за останување на Велика Британија во ЕУ, означувајќи го членството како витално за британските интереси.

Истовремено, европските лидери предупредуваат дека иднината на Европската Унија со 27 земји членки е длабоко поткопана.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, смета дека во Унијата мора да постои единствен заеднички договор, заеднички внатрешен пазар со единствена валута, па врз основа на тоа, државите членки би можеле понатаму да се договараат за заедничка одбрана, даночно усогласување, истражувачки дејности, култура и заедничка грижа за младите.

„Сето ова е темел врз кој би требало да се утврди одреден степен на интеграција и во согласност со тоа да се формира буџет на еврозоната, бидејќи некои земји членки никогаш нема да се приклучат на еврозоната. Затоа не смееме да чекаме да се нагризува економската и монетарната унија“, порача францускиот претседател.

Според високо позиционирани функционери во Брисел, време е нешто да се направи, така што веќе е направена т.н. „Бела книга“ со насоки за дискусии која официјално ќе им биде предадена на лидерите на влади на Самитот во Рим, кој ќе се одржи на 25 март, така што до крајот на оваа година лидерите на европските земји ќе имаат  време со конкретни мерки и предлози да дадат свој придонес кон визијата за новата Европска Унија.

А. Б.