/ Прочитано:

9.463

Донесен Законот за амнестија

Собранието на РМ го донесе Законот за амнестија. Донесувањето на Законот, се вели во законското образложение, има за цел да се овозможи процесот на ресоцијализација и социјална реадаптација на осудените лица. Во Република Македонија, од моментот на нејзиното осамостојување, донесени се повеќе закони за амнестијата, во 1991, 1999, 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година).

При предлагањето на Законот од Министерството за правда посочија дека  статистичките показатели покажуваат дека ќе бидат ослободени од издржување на казната затвор приближно 670 правосилно казнено-осудени лица на затвор до 6 месеци, а на 3 097 лица ќе им биде намалена казната за 30 %. На овој начин, ќе се оствари и заштеда на буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на  условите во казнено-поправните домови.

„Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познат во правните системи како овластување на државата под услови пропишани со закон против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде што произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело. Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата претставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне  во процесот на нивната ресоцијализација. Овој институт постои и се применува во многу европски држави“, се вели во законското образложение.

Како што нагласија од Министерството за правда, со Законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, и тоа: член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела против јавниот ред (член 394-а – 394-г) од Кривичниот законик и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право  (член 403-418-а, 418-в до 422)  од Кривичниот законик.

Предлог-законот за амнестија во собраниска процедура

М.В