/ Прочитано:

2.535

Донесена правосилна судска одлука со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја одби жалбата на Општина Гази Баба и ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје со која се утврдува дека Општина Гази Баба, како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи и се забранува преземање на понатамошни дејствија на дискриминација кон тужителот, соопштува адвокатот Петро Јанура.

„Ова значи дека станува збор за правосилна судска одлука. Станува збор за настан во кој на тужителот и на уште еден негов колега, кои се државни службеници во Општина Гази Баба, во време на претходната локална власт им било укажано да не зборуваат на албански јазик бидејќи, наводно, во согласност со законските прописи, односно Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 % од граѓаните во Република Македонија и единиците на локална самоуправа, службен јазик во Општина Гази Баба е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Таквото толкување произлегло од фактот што во Општина Гази Баба бројот на граѓаните Албанци е помал од 20 %.

Позицијата на Општина Гази Баба како тужена страна беше, меѓу другото, дека со таквото постапување се грижеле за доследна употреба на Законот. Од друга страна, нашата позиција беше дека таквата примена на Законот е дискриминаторска и дека употребата на мајчиниот јазик во неформална комуникација не може и не смее да биде ограничена од никој. Се работеше за „маратонска парница“. Предметот еднаш и се врати на повторно одлучување од страна на Апелациониот суд, но на крај судовите одлучија во корист на мојот клиент, тужбеното барање е усвоено и судската одлука е правосилна.

Оваа правосилна пресуда е многу важна затоа што е дел од судската пракса и ќе охрабри и други жртви на дискриминација да иницираат постапки за заштита“, вели адвокатот.

„Особено би сакал јавно да истакнам благодарност и почитување на мојот клиент Ајет Реџепи, кој имаше храброст и бескомпромисно се осмели да поднесе тужба против својот работодавач – Општина Гази Баба и се спротивстави на дискриминацијата и на неправдата која ја чувствуваше. Жртвите на дискриминација кои се спротивставуваат и кои се охрабруваат да поднесат тужба за да ги заштитат своите права се вистинските херои на денешницата и на општеството во кое живееме.

Инаку, го поздравувам носењето на новиот Закон за заштита од дискриминација бидејќи е неопходен за функционирање на едно слободно, граѓанско и демократско општество“, наведува адвокатот Јанура.

Донесена пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

М.В