/ Прочитано:

1.091

ДОНЕСЕНА ПРВАТА ПРЕСУДА ВО МАКЕДОНИЈА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА МЕНТАЛНА И ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ

Основниот суд Делчево утврди дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија од страна на Општина Делчево за приспособување на инфраструктурата и просторот и обезбедување пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со ментална и телесна попреченост.  Општината, како тужена страна, е должна да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, како и да му надомести на тужителот и нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки.

Според Судот, сторена е дискриминација на тужителот врз основа на ментална и телесна попреченост, што довело до нарушување и до ограничување на уживање на основните човекови права и слободи.

Оваа пресуда, според Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое го застапува тужителот, е од особено значење, со оглед на фактот дека е прва пресуда каде Основниот суд Делчево утврдува дискриминација со директна примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и прва пресуда во Република Македонија со која се утврдува дискриминација врз основа на телесна и ментална попреченост, сторена со пропуштање да се преземат дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на добра и услуги на лице со посебни потреби.

„Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници  донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Судот покрај тоа што утврдил дискриминација поради пропуштање да се преземат дејствија (изградба на тротоар и рабници), го задолжил тужениот – Општина Делчево да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, преку изградба на тротоар и рабници согласно техничките стандарди за пристапност на тужителот како лице со посебни потреби. Судот го задолжил тужениот да му надомести на тужителот нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки“, информираат од Здружението.

Од МЗМП појаснуваат дека Судот го применил членот 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој се забранува секоја директна или индиректна дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост, како и членот 6 од Законот со кој се дефинира што е директна и индиректна дискриминација.

„Судот се повикал и на член 4 од истиот закон согласно кој Законот се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа и правни лица со јавни овластувања“, додаваат од МЗМП. 

Лицата со посебни потреби соочени со инфраструктурни бариери

Тужителот го застапуваат адвокатите Јасна Аранѓеловиќ и Бојан Ѓуровски, членови на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

„Првостепениот суд покажува еден вид сензибилитет за лицата со ментална и телесна попреченост. Факт е дека овие лица во Македонија тешко ги остваруваат права за пристап до добра и услуги, односно дека инфраструктурата во земјава не ги задоволува нивните потреби“, оценува Aранѓеловиќ во изјава за Академик.

За пресудата на Основниот суд Делчево вели дека е јасна и прецизна, како и тоа дека постапката била брза и ефикасна.

„Од аспект на примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сметам дека прсудата е доволно образложена, јасна и прецизна“, истакнува таа.

Од Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат одлуката на Основниот суд Делчево.


Eлена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 25.03.2015