/ Прочитано:

2.009

Донесени измените на законите за судовите, за јавното обвинителство и за кривичната постапка

Собранието на РМ на денешната седница со двотретинско мнозинство од 84 пратеници ги изгласа измените на Законот за судовите,  на Законот за јавното обвинителство и на Законот за кривичната постапка.

Донесувањето на измените на Законот за судовите има цел да овозможи воведување на ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување на надворешен механизам, односно ќе се овозможи Специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје 1 во Скопје да постапува по кривични предмети за кои новоформираното Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во рамки на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција има надлежност да спроведува кривична истрага и гонење за кривични дела кои се однесуваат на членовите 2 и 3 од ЕКЧП.

Преку воспоставување на новиот механизам ќе се овозможи и зајакнување на кредибилитетот на полицијата и нејзината транспарентност воопшто, или да се поведе ефикасна борба против несоодветното постапување во различни сектори, како и заштита на човековите права“, се вели во законското образложение.

Со измените на Законот за јавното обвинителство се предвидува  во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира специјализирано Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Основна причина за донесување на измените на Законот за кривичната постапка е надминување на слабостите во однос на посебните истражни мерки, особено во делот на следењето на комуникациите кои беа наведени во извештаите на меѓународните организации, а посебно во двата извештаи на  Прибе.

М.В