Донесени се заклучоци во врска со состанокот на Поткомитетот за правда и внатрешни работи
„Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за одржаниот тринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, со предлог-заклучоци според кои, меѓу другото, го задолжува Министерството за правда да го информира Секретаријатот за европски прашања за имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудството и Акцискиот план на квартални периоди, како и да му укаже на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да достави до Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања најнови информации за статусот со постапката за наодите од Извештајот за извршен увид од функционалноста на информатичкиот систем АКМИС и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, најдоцна до 30 јуни 2019 година.
Заклучоците на Владата од оваа седница ја обврзуваат Управата за извршување санкции да преземе итни мерки за оперативност на системот на пробација на територијата на целата земја и да преземе мерки и активности за поттикнување на примената на овој систем, а Судскиот совет на Република Северна Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители да одржат обуки/советувања за поттикнување на употребата на алтернативни на мерката притвор до крајот на 2019 година.
Согласно препораките од одржаниот тринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, се задолжува Министерството за труд и социјална политика во соработка со ресорните институции да започне постапка за усогласување на сите други релевантни закони по усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација до 30.09.2019 година, а Министерството за внатрешни работи да обезбеди системска употреба на биометриска регистрација, и да доставува известувања за тековните активности до Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања на квартално ниво“, се вели во соопштението на Владата.
М.В