/ Прочитано:

5.159

Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција: Ова е голем пресврт за правата на трансполовите лица, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров

Македонското здружение на млади правници информира дека Управниот суд на Република Македонија, по одржана јавна расправа на 22.9.2017 година, денеска донесе и објави  Решение со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во Матичната книга  на родени и да го поништи сегашниот матичен број.

„По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде што со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице“, се наведува во соопштението од МЗМП.

Оттаму истакнуваат дека постапката за промена во на полот матичната евиденција на трансродово лице беше поддржана во рамки на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“, спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници.

„Постапката пред Управниот суд ја водеше адвокат Жарко Хаџи Зафиров од адвокатското друштво ’Бона фиде’ , како дел од тимот адвокати на МЗМП. Користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи, МЗМП продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права  преку создавање на позитивна практика која води кон општествени промени“, се вели во соопштението на Македонското здружение на млади правници.

„Ова решение претставува пресврт во делот на целосно уживање на правата на трансполовите лица и почитување во целост на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човековите права“, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров.

М.В