/ Прочитано:

1.316

Дополнетиот Предлог-закон за правосудниот испит на собраниска седница

Дополнетиот Предлог-закон за правосудниот испит  е на дневен ред на денешната собраниска седница. Во дополнетиот Предлог-закон за правосудниот испит, кој е во фаза на второ читање, се вградени амандманите усвоени од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија на седниците одржани на 4 септември 2019 година.

Меѓу другото, дополнетиот предлог се однесува и на членовите 26 и 27, кои се предлага да гласат:

Член 26

(1) Од 1 јануари 2020 година престанува да важи  Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15).

(2) Испитите кои до денот на отпочнување на примена на овој закон се започнати, ќе завршат согласно со Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15).

(3) Испитите кои биле пријавени до денот на отпочнување на примена на овој закон, а чие полагање не започнало, ќе се спроведат согласно со одредбите на овој закон.

Член 27

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна  Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2020 година.

Со донесување на Предлог-законот, се вели во законското образложение, ќе се постапи според насоките содржани во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во однос на укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за процена на нивните знаења.

„Основната цел на предлагањето на овој закон е укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на нивните знаења“, се наведува во образложението на Предлог-законот.

Со Предлог-законот за правосудниот испит се уредуваат условите и постапката за полагање на правосудниот испит.

Испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата што студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

Судовите, јавните обвинителства, адвокатите, нотарите, извршителите, Државното правобранителство на Република Северна Македонија и Народниот правобранител на Република Северна Македонија можат да примаат на практика дипломирани правници, ако практиката им е потребна за стручно оспособување и за стекнување на услови за полагање на испитот.

Испитот може да го полагаат дипломирани правници кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, во Државното правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народниот правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител.

Испитот може да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица.

Времето поминато на практика заради стручно оспособување во суд, јавно обвинителство, во Државното правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народниот правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител, во согласност со закон, се смета како време поминато на работа во тие органи. Предвремено полагање на испитот е забрането.

Предлог-законот за правосудниот испит на второ читање пред Законодавно-правната комисија

Новиот Предлог-закон за правосудниот испит во собраниска процедура

Министерството за правда за новиот начин на полагање на правосудниот испит

ОБЈАВЕН ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Испитот ќе се полага усно и писмено наместо електронски

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Правосудниот испит ќе се полага усно и писмено пред стручна комисија

ИЗМЕНИ ВО НАЧИНОТ НА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Да се биде правник подразбира и умешност за вербално изразување

Барање за автентично толкување на одредба од Законот за правосудниот испит за која Владата дава мислење дека е јасна и прецизна

 СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР

Ставовите и предизвиците на младите правници и студентите по право за правничкото образование, приправничкиот стаж и правосудниот испит

М.В