Дополнување на правно мислење – Надлежност за извршување на правосилни и извршни судски одлуки со кои се определени привремени мерки
Врховниот суд на Република Северна Македонија – Оддел за граѓански дела, согласно член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр. 14/22), на седница одржана на ден 26.12.2022 година, утврди:
ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВНО МИСЛЕЊЕ ОД 12.07.2022 ГОДИНА
Во изреката, во ред први, после зборот „извршување“, се додаваат зборовите „правосилни и извршни“ и конечниот текст гласи:
За извршување на правосилни и извршни судски одлуки со кои се определени привремени мерки како средство за обезбедување на побарување, надлежен е извршител согласно Законот за извршување.
О б р а з л о ж е н и е
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија на ден 12.07.2022 година утврди правно мислење според кое, за извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки како средство за обезбедување на побарување, надлежен е извршител согласно Законот за извршување и истото го објави на веб страната на судот.
Меѓутоа, при изготвување на наведеното правно мислење очигледно дека е направен пропуст во смисла на тоа за кои судски одлуки со кои се определени привремени мерки како средство за обезбедување на побарување, надлежен е извршител и покрај неспорниот факт во даденото образложение на утврденото правно мислење е наведена законската одредба од членот 30 од Законот за обезбедување на побарувањата, и тоа може да создаде нејаснотии и дилеми во примената на навдените одредби.
Имено, согласно член 30 став 1 од Законот за обезбедување на побарувањата, во случај кога не е поведена парнична или друга судска постапка, за одлучување по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на привремена мерка, месно надлежен е судот што би одлучувал во парничната постапка. Во ставот 2 од истиот член е пропишано дека ако е поведена постапка по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на таа привремена мерка, месно надлежен е судот пред кој е поведена постапка.
Според член 7 од истиот Закон, во постапката за обезбедување соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка и одредбите од Законот за извршување, ако со овој закон поинаку не е определено.
Согласно член 5 став 1 од овој Закон, против решение за обезбедување на побарување донесено во прв степен може да се изјави жалба, а според став 3 жалбата не го одлага извршувањето заради обезбедување на побарувањето ако со овој закон не е поинаку определено.
Поаѓајки од содржината на наведените одредби од Законот за обезбедување на побарувањата, неспорно произлегува дека за спроведување на дозволената привремена мерка месно надлежен е судот што би одлучувал во парничната или друга судска постапка.
Меѓутоа, кога одлуката со која е дозволена привремената мерка станува извршна согласно член 12 став 1 точка 1 и 2 од Законот за извршување,добива својство на извршна исправа и претставува основа за извршување согласно член 2 став 1 од истиот Закон, извршувањето го спроведува надлежниот извршител согласно член 3 став 1 од наведениот Закон.
Од напред наведеното, Одделот за граѓански дела го дополни утврденото правно мислење од 12.07.2022 година.
Врховeн суд на
Република Северна Македонија
Оддел за граѓански дела,