/ Прочитано:

1.695

Дополнувањето на поднесените барања по електронски пат како новина во електронскиот шалтер на Катастарот

Една од позначајните новини во Агенцијата за катастар на недвижности е воведувањето на електронскиот шалтер за професионалните корисници.

Преку електронскиот шалтер, велат од Агенцијата за катастар на недвижности, денес се поврзани 732 професионални корисници, односно сите нотари, геодетски фирми, општини, извршители, проценители, како и сите државни институции, банки, адвокати и други правни лица кои имаат потреба од податоците од Катастарот или кои креираат документи што се регистрираат во Катастарот.

Со новата надградба на електронскиот шалтер, појаснуваат од Катастарот, се овозможува професионалниот корисник по електронски пат да изврши дополнување на поднесените барања во случаите кога професионалниот корисник направил техничка грешка при доставување на предметот по електронски пат, потоа кога професионалниот корисник направил технички грешки во исправите, односно документите што се правен основ за промена во Катастарот.

Такви документи се на пример: технички грешки во договори, пресуди, наследни решенија итн. Исто така, со новата надградба се овозможува професионалниот корисник по електронски пат да изврши дополнување на понесените барања во случаите кога професионалниот корисник направил  технички грешки  во описните податоци содржани во геодетскиот елаборат и кога професионалниот корисник извршил недоволна уплата на надоместокот.

Новата функционалност на електронскиот шалтер функционира на начин што при решавањето на предметот службеното лице од Катастарот е должно по електронски пат да го извести професионалниот корисник со точно наведување на техничките грешки во поднесеното барање.

Службеното лице по електронски пат го известува подносителот на пријавата дека е потребно во рок од 24 часа од денот и часот на генерираното известување да ја дополни пријавата со потребните прилози или да ги отстрани утврдените грешки. Исто така, професионалниот корисник има можност да ја дополни пријавата со потребните прилози или да ги отстрани утврдените грешки.

По приемот на електронското известување, професионалниот корисник е должен во рок од 24 часа по електронски пат да ги отстрани техничките грешки на начин што ќе достави коригирани електронски документи, односно преку виртуелниот ПОС-терминал на електронскиот шалтер ќе изврши доплата на надоместокот што бил уплатен во недоволен износ.

Очекувањата на Катастарот се дека со новата функционалност наелектронскиот шалтерќе се овозможи намалување на одбиените предмети од страна на Катастарот од сегашните 2,3 проценти на под 1 отсто. Воедно, додаваат од Катастарот, новата функционалност ќе овозможи намалување на трошоците на професионалните корисници за поднесување нови барања, како и зголемување на довербата и правната сигурност помеѓу Катастарот и професионалните корисници.

M.В