/Прочитано:

5.049

Досегашни јавни обвинители на Република Македонија

Перо Коробар, Кирил Миљовски, Никола Вражалски, Лазар Мојсов, Димо Кантарџиски, Јован Дуковски, Панта Илиев, Боро Догаџински, Јордан Јордановски, Марко Бундалевски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчески, Љупчо Шврговски и Марко Зврлевски се имињата на досегашните македонски јавни обвинители според податоците што ги објавува  Јавното обвинителство на Република Македонија.

Перо Коробар

Прв јавен обвинител на Македонија. Роден 1916 година во Велес. Дипломирал на Правниот факултет во Белград 1939 година. Коробар бил помошник на повереникот за внатрешни работи при АСНОМ, военосудски истражител – обвинител во Вишиот воен суд при Главниот штаб на НОВ и ПОЈ на Македонија, како и во Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во Белград. На 31.3.1945 бил назначен за главен обвинител на Македонија, но за кратко време бил избран за помошник на јавниот обвинител на ФНРЈ. Во 1947 година бил назначен за началник на Одделението за законодавство и организација на државната управа, по што следуваат неговите работни ангажмани во Сојузното одделение за изградба на власта, секретар за законодавство во Владата на Македонија, пратеник во АЗТ, претседател на Уставниот суд на Република Македонија и претседател на Сојузниот суд на Југославија, началник на Одделот за надворешни работи во ЦК на КПМ, управник на Македонскиот народен театар, член на Ревизионата комисија на ЦК на КПМ, член на Културно-просветниот одбор на Југославија и потпретседател на Културно-просветниот собор на Југославија и потпретседател на Културно-просветната заедница на Македонија, член на Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз, член на Претседателството на Сојузот на борците од НОВ на Македонија и член на Советот на Република Македонија. Починал во Скопје во 2004 година.

Кирил Миљовски

Роден 1912 година во Ресен. Дипломирал на Ветеринарниот факултет во Загреб. Во текот нa 1944 годинa, Миљовски стaнaл секретaр нa Иницијaтивниот одбор зa свикувaње нa АСНОМ. Учествувал на Првото заседание на АСНОМ и бил избрaн зa член нa Президиумот нa АСНОМ. За јавен обвинител на Народна Република Македонија бил именуван на 1.5.1945 година. На оваа функција останал до 27.7.1946 година, по што бил избран за прв претседател на Планската комисија на Македонија и член на Владата на Народна Република Македонија, а подоцна и за министер за трговија и снабдување. Во 1949 година бил избран за редовен професор нa Земјоделско-шумaрскиот фaкултет и зa прв ректор на Универзитетот во Скопје каде што останал до 1954 година. Починал во Скопје во 1983 година.

Никола Вражалски

Роден 1914 година во Кочани. Дипломирал на Правниот факултет во Белград 1940 година. Бил член на АСНОМ и организатор на НОО во Кочани во 1944 година. Во 1945 година бил именуван за окружен јавен обвинител, а потоа и за помошник на јавниот обвинител на Народна Република Македонија. Бил и народен пратеник во Уставотворното собрание на Народна Република Македонија од кочанската околија и член на Уставотворниот одбор за подготовка на Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година. За јавен обвинител на Народна Република Македонија бил именуван на 27.7.1946 година каде што останал до 3.11.1948 година. Починал во Скопје во 1997 година.

 Лазар Мојсов

Роден е 1920 година во Неготино. Дипломирал и докторирал на Правниот факултет во Белград. Мојсов бил директор на подружницата „Танјуг“ за Македонија, секретар на Претседателството на народната власт, началник на Одделението за печат на Претседателството на народната влада. Во 1945 бил назначен за народен обвинител на Судот на националната чест.

За јавен обвинител на Народна Република Македонија бил именуван 1948 година, по што станал претседател на Врховниот суд на Македонија, директор на НИП „Нова Македонија“, југословенски амбасадор во СССР и Монголија (1958 – 1961), во Австрија (1967 – 1969), во Обединетите нации, Гвајана и Јамајка (1969 – 1974). Бил заменик министер за надворешни работи на Југославија, директор на Институтот за работничко движење, директор и главен и одговорен уредник на НИП „Борба“. Мојсов бил претседател на Генералното собрание на Обединетите нации (1977 – 1978), од 1980-1981 бил претседател на Претседателството на Сојузот на комунистите на Југославија, министер за надворешни работи на СФРЈ (1982 – 1984) и член на Претседателството на СФРЈ (1984 – 1989) каде што од 1987 до 1988 бил претседател. Починал во Белград 2011 година, на 90-годишна возраст. Погребан е во Алејата на заслужните граѓани, на Новите гробишта во градот.

Димо Кантарџиски

Роден е 1917 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет во Белград 1940 година. Во периодот 1945/46 бил окружен јавен обвинител за тетовскиот округ, по што бил назначен за окружен јавен обвинител за штипскиот округ, а подоцна за скопскиот. Функцијата помошник јавен обвинител ја извршувал од 1947 до 1951 година. За јавен обвинител на Народна Република Македонија бил именуван 1951 година. Подоцна бил назначен за секретар на правосудството на Македонија (1954), бил судија на Врховниот суд на Македонија (1958), судија на Врховниот суд на Југославија (1967) и судија на Уставниот суд на Југославија (1971 – 1979).

 Јован Дуковски

Роден e 1915 година во с. Галичник. Дипломирал на Правниот факултет во Белград 1939 година. Дуковски бил јавен обвинител во Јавното обвинителство за округ – Скопје (1946 – 1949), јавен обвинител во Јавното обвинителство за област Гостивар (1950), јавен обвинител во Јавното обвинителство во град и округ – Скопје (1951), претседател на Окружниот суд во Гостивар (1952), јавен правобранител во Јавното правобранителство на Народна Република Македонија (1952 – 1954). Функцијата јавен обвинител на Народна Република Македонија ја извршувал во периодот од 1954 до 1960 година, по што бил избран за судија на Врховниот суд на Народна Република Македонија (1960/63) и судија во Уставниот суд на Македонија (1963 – 1971).

Панта Илиев

Роден е 1918 година во с. Блатец, Кочанско. Во периодот од 1949 до 1954 година ја извршувал функцијата окружен јавен обвинител во Штип, по што работел во Јавното правобранителство на Македонија (1956 – 1960). Функцијата јавен обвинител на Народна Република Македонија ја извршувал од 1960 до 1967 година. Од формирањето на Судот на здружен труд работел како судија.

Боро Догаџински

Роден е 1917 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет во Белград. За јавен обвинител на Социјалистичка Република Македонија бил именуван 1967 година и на оваа функција останал до 1975 година кога бил избран за судија на Уставниот суд на Социјалистичка Република Македонија.

Јордан Јордановски

Роден е 1925 година во Неготино. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1963 година. Работел во Окружното јавно обвинителство во Штип (1950 – 1952), бил избран за околиски јавен обвинител во Кавадарци (1952 – 1955), заменик на окружниот јавен обвинител во Тетово (1955 – 1957), од 1967 година ја извршувал функцијата на заменик на јавен обвинител на Социјалистичка Република Македонија. За јавен обвинител на Социјалистичка Република Македонија бил именуван во 1975 година и на функцијата останал до 1984 година.

Јован Трпеновски

Роден е 1935 година во Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1959 година. Во јавнообвинителската работа е од 1967 година кога бил назначен за заменик на јавниот обвинител во Општинското јавно обвинителство во Охрид,  по што бил именуван за општински јавен обвинител во Охрид (1969 – 1974), а подоцна и за окружен јавен обвинител во Окружното јавно обвинителство во Скопје. Функцијата јавен обвинител на Социјалистичка Република Македонија ја извршувал од 1984 до 1989 година кога бил избран за републички секретар за внатрешни работи и член на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија. Во 1991 година бил избран на функцијата заменик јавен обвинител на Република Македонија која ја извршувал до 1992 година.

Марко Бундалевски

Роден е 1936 година во с. Галичник. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1963 година. Во периодот од 1965 до 1969 година извршувал функција на општински јавен обвинител во Општинското јавно обвинителство во Скопје, а подоцна бил назначен за заменик на окружниот јавен обвинител во Окружното јавно обвинителство во Скопје (1970 – 1984), по што бил именуван за окружен јавен обвинител во Скопје. Во 1988/89 година извршувал функција на заменик на јавен обвинител во Јавното обвинителство на Социјалистичка Република Македонија, по што бил именуван на функцијата јавен обвинител на Република Македонија која ја извршувал до 1996 година. Во 1997 година бил именуван за заменик на јавниот обвинител на Република Македонија. Има објавено повеќе стручни трудови од областа на кривичното право. Починал во Скопје во 2003 година.

Стеван Павлески

Роден е 1949 година во с. Долненци – Демир Хисар. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1972 година. Во 1976 година бил именуван за заменик на општинскиот јавен обвинител во Скопје, а во 1984 година за заменик јавен обвинител во Окружното јавно обвинителство во Скопје. Бил потсекретар на Службата за државна безбедност во Министерството за внатрешни работи. Во 1991 година бил именуван за заменик јавен обвинител во Окружното јавно обвинителство во Скопје. Функцијата јавен обвинител на Република Македонија ја извршувал од 1996 до 1999 година. Денес работи како адвокат.

Ставре Џиков

Роден е во 1952 година во градот Џорџонов во Полска. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје. По завршувањето на високото образование, повеќе години работел како истражен судија во Основниот суд Скопје 2. Во 1999 година бил  именуван за јавен обвинител на Република Македонија. Оваа функција ја извршувал до 2002 година. Како јавен обвинител на Република Македонија, во периодот на воениот конфликт во 2001, ги покренал истрагите и обвиненијата за воени злосторства против т.н. ОНА и ја започнал соработката со Трибуналот во Хаг. По заминувањето од функцијата јавен обвинител на Република Македонија, се вклучил во адвокатурата, каде што работи и денес. Автор е и на повеќе стручни научни статии од областа на судството, обвинителството и адвокатурата.

Александар Прчески

Роден е во 1950 година во Битола. Дипломирал 1978 година на Правниот факултет во Скопје. Извршувал повеќе јавни функции во сферата на судството, а бил и претседател на Основниот суд во Битола. Во 2003 година од страна на Собранието на Република Македонија бил избран за јавен обвинител на Република Македонија. Функцијата државен јавен обвинител ја извршувал во еден мандатен период, а потоа професионалната кариера ја продолжил како адвокат. Починал во 2013 година.

Љупчо Шврговски

Роден е 1960 година во Велес. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1986), по што го положил и правосудниот испит. Од 1989 до 1997 година работел како приправник и стручен соработник во Општинскиот суд – Скопје, по што станал заменик обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје каде што бил ангажиран на кривични предмети од целата првостепена надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје. За јавен обвинител на Република Македонија бил избран во 2007 година и оваа функција ја извршувал до 2013 година. Денес работи како адвокат.

Марко Зврлески

Роден е на 4.12.1960 година во Дебар. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што го положил и правосудниот испит. Бил адвокат и стручен соработник во Јавното обвинителство. Од ноември 2009 до јануари 2013 година како основен јавен обвинител раководел со Основното јавно обвинителство – Скопје. На 21 јануари 2013 година на 52. собраниска седница Марко Зврлевски бил именуван за jавен обвинител на Република Македонија. Функцијата ја извршувал до 2017 година.

M.В