/ Прочитано:

11.711

Досудени 6 илјади евра надомест на штета за неовластено преземање фотографија од интернет

Граѓанскиот суд донесе пресуда за надомест на штета за повредено авторско право на интернет. Се работи за пресуда за една од постапките кои ги води адвокатката Маја Ристова, правен застапник на тужителот кој е автор на авторско дело за кое се водеше спорот, а во врска со неовластено преземање фотографија од интернет и нејзино објавување  на интернет-портал.

Во претходните случаи Граѓанскиот суд утврди повреда на правото на авторот, но со оваа нова пресуда за надомест на штета туженото правно лице мора да му исплати  близу 6.000 евра отштета на тужителот поради повреда на авторските права.

Се задолжува тужениот, стои во пресудата, да му исплати на тужителот, на име нематеријална штета поради повреда на моралните авторски права, сума од 300.000,00 денари со законска казнена камата, како и 60.000 денари надомест за материјална штета.

„Донесувањето на оваа судска одлука ќе обезбеди поголема правна сигурност на авторите, но истовремено ќе поттикне и кон создавање на нови авторски творби. Истата ќе значи и поголема почит на граѓаните кон создадените авторски дела. Посакувам одлуката да стане правосилна и извршна и да биде патоказ за понатамошно постапување“, вели адвокатката Маја Ристова.

Досега Граѓанскиот суд донесе 7 пресуди во корист на истиот тужител, со кои утврди дека македонски веб-портали спротивно на Законот за авторското право и други сродни права објавиле фотографија од познат балкански рок-музичар. Во пресудите беше образложено дека со изложувањето на фотографијата веб-порталот сторил повреда на материјалното и моралното право на тужителот како автор на неговото авторско дело. Три од пресудите веќе се правосилни и извршни.

Инаку, во членот 26 од Законот за авторското право и други сродни права се пропишува дека материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело. Авторот има исклучиво право да дозволи или да забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со овој закон.

СЕ СОЗДАВА ПОЗИТИВНА СУДСКА ПРАКСА: Втора правосилна пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

УМЕТНИЧКИ ФОТОГРАФ СЕ ИЗБОРИ ЗА СВОИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА: Донесена првата пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

М.В