Дрво посветено на човековите права ќе биде засадено пред Судската палата
Пред Судската палата ќе биде засадено дрво посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг. На неа ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации, во кој стои: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.“
Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој нагласи дека пораката што ќе ја испрати Градот Скопје до граѓаните е дека во судот правдата е слепа и се дели непристрасно.
Дрвото посветено на човековите права ќе биде засадено на местото на отстранетиот споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој, како што истакнаа од Град Скопје, е отстранет бидејќи бил бесправно поставен. Отстранувањето на споменикот беше реализирано во раните утринските часови за, како што образложија од Град Скопје, да не се предизвика застој во одвивањето на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници кај Врховниот суд.
М.В