/ Прочитано:

1.063

Државата ќе им ги заплени платите и пензиите на Грците кои не си ги платиле давачките

Вторник, 12 февруари 2013 – Грчкото Министерство за финансии ќе запленува плати, пензии, банкарски сметки и други доходи на 2,5 милиона граѓани кои доцнат со плаќање на своите давачки кон државата, информираат грчки медиуми. 

Медиумите пишуваат дека целта на Министерството за финансии е да се соберат дел од обврските кон државата, што според нивните пресметки изнесуваат 56,4 милијарди евра.

Првично на должниците ќе им се испраќаат писма, во кои ќе се повикуваат да ги исполнат своите обврски. Потоа ќе следат писма со предупредување дека им претстои заплена. Последната етапа ќе е запленување на доходите.

Во текот на овој месец ќе се испратат писма до 2,3 милиона должници со обврски до 3.000 евра, 100.000 должници со обврски меѓу 3.000 и 300.000 евра,  5.770 лица кои должат до еден милион евра и до 1.500 граѓани чии обврски се над еден милион евра. Околу 6.270 лица со големи обврски на државата и должат вкупно 35 милијарди евра.

Показател за финансиската немоќност на граѓаните за плаќањето на давачките е фактот дека досега 550.000 сопственици на имоти не ги платиле сметките за струја. Под закана од запленување се сите кои не го платиле данокот на своите плати, ДДВ, полициски такси, такси на општинската полиција, патни такси.