Државен завод за статистика: Нема точни податоци додека не се направи нов попис на населението
„Државниот завод за статистика не може да обезбеди голем број податоци кои им се потребни на невладините организации сè додека не се направи нов попис на населението“, потенцираше в.д. директорот на ДЗС, Апостол Симовски, на денешната работилница со претставници на граѓанските организации. Тој нагласи дека голем дел од информациите се обезбедуваат единствено со оваа статистичка метода, односно со попис, а како што им предочи на претставниците на граѓанските организации, ова е основната причина поради која Државниот завод за статистика не дава одредени податоци.
„Во Република Македонија не е спроведен попис на населението цели 15 години, односно од 2002 година, па во оваа насока Државниот завод за статистика не може да обезбеди голем број податоци кои им се потребни на невладините организации сè додека не се направи нов попис на населението“, потенцираше в.д. директорот на ДЗС, Апостол Симовски, на денешната работилница со претставници на граѓанските организации.
Тој нагласи дека голем дел од информациите се обезбедуваат единствено со оваа статистичка метода, односно со попис, а како што им предочи на претставниците на граѓанските организации, ова е основната причина поради која Државниот завод за статистика не дава одредени податоци.
„Податоците нема да бидат точни. Последната проценка на бројот на население дадена на 31 декември 2016 година е дека бројот е околу 2 милиона и 70 илјади. Дали верувате вие дека оваа бројка е точна? На пописот се додаваат новородените, се одземаат починатите лица и се додаваат мигрантите. Ние сме миграциско подрачје, а сега таа миграција се интензивира. Меѓутоа, опфатот на мигрантите е многу мал, особено за емиграцијата. Од овие причини, ние избегнуваме да даваме информации оти не сме сигурни колку се точни. На пример, не можеме да дадеме податоци за етничката припадност, бидејќи тие бројки се добиваат единствено со попис на населението“, појасни в.д. директорот на ДЗС, Симовски.
Граѓанските организации сметаат дека статистички податоци за Република Македонија недостасуваат и на глобално ниво, па како што денеска истакнаа, Државниот завод за статистика треба многу почесто да ги ажурира меѓународните бази на податоци со податоци од државата.
„Она што претставува проблем е што Заводот за статистика, во збирките податоци ги складира и податоците добиени од анкети. Она што на невладините организации им претставува проблем е да ги споредат различните збирки податоци, анкети и бази на податоци и оттаму да извлечат заклучок“, изјави Билјана Дуковска од невладината „Македонска платформа против сиромаштија“.
Што се однесува до податоците за сиромаштијата, таа појасни дека во оваа област не се соочуваат со посериозни тешкотии бидејќи ДЗС директно вади бројка на граѓани што живеат под прагот на сиромаштија.
„Но, од друга страна, има бројка на вработени сиромашни, која во моментов е 8, 9 проценти и за која ние не знаеме како е дојдено методолшки. Дали се тоа граѓани со ниски приходи, колкумина од нив се помлади, повозрасни…“ вели Дуковска.
Според неа, за да се дојде до одреден податок, основно нешто е да се биде статистички писмен. Кога станува збор за граѓански организации, појаснува таа, во кои нема стручен кадар од оваа област, тешко е податоците да се обработат. „Недостасуваат податоци кои се достапни и јасни и за граѓаните и за граѓанските организации, без потреба некој да им ги толкува. На пример, може да се извади бројот на семејства коишто имаат деца од 0 до 18 години, меѓутоа, од 18 до 29, многу е тешко да се оддели“, истакна Дуковска.
Токму затоа, денешната прва работилница од ваков тип беше организирана со цел воспоставување директна соработка со ДЗС, како и подобрување на пристапот до податоци.
А. Б.