/ Прочитано:

1.171

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДKСK) поведе постапка за имотната состојба на кандидатот Андреј Жерновски

Четврток, 4 април 2013 – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДKСK) поведе две прекршочни постапки и побара од УЈП да ја испита имотната состојба на кандидатот за градоначалник на Центар од „Сојузот за иднината“, Андреј Жерновски, поради сомневање дека ја криел од надлежните институции.

„ДKСK заклучи дека Жерновски давал неточни и нецелосни податоци за својот имот, кои се разликуваат во повеќе сегменти, односно во адресите, посочените квадратури, основата на стекнување на имотот и во деловите врз кои лицето има право на сопственост, односно на користење имот“, се вели во соопштението од Kомисијата.

Анализите што ги направила Комисијата од увидот во анкетните листови од 2006 до 2008 и од 2008 до 2011 година, период кога Жерновски беше пратеник во Собранието, покажале дека тие не соодветствуваат со податоците за имотните листови од Катастарот и Централниот регистар.

Во последниот документ со кој располага Антикорупциската комисија стои дека Андреј Жерновски и неговиот брат во 2007 година од фирмата „Венекс Весна ДОО“, купиле стан од 91 квадратен метар на улица „Партениј Зографски“ број 19 на Водно, во вредност од 796 евра по квадрат. Договорот е за продажба на недвижен имот, заверен на нотар, а склучен меѓу фирмата „Венекс Весна ДОО“ која исто така се наоѓа на улицата „Партениј Зографски“ број 19.

Оваа фирма, пак, се поврзува со поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов, кому Жерновски му беше советник, а во чие време таа доби можност да стопанисува со паркинзите во Клиничкиот центар.

Кандидатот за градоначалник, Жерновски ги отфрла обвинувањата за соработка со фирмата, а за овие обвинувања веќе најави судска постапка.