Државни пензии: Итни реформи за спас на ПИОМ
Денеска Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ ги претстави наодите од студијата за одржливоста на пензискиот фонд. На ПИОМ, беше нагласено на денешниот настан, потребни му се итни и сериозни реформи што треба да се реализираат на начин кој ќе овозможи негова одржливост. Во таа насока, не треба да има ниту зголемување на пензиите надвор од законското усогласување, ниту воведување популистички мерки кои ќе предизвикаат дополнителни оптоварувања на Фондот.
Реформите траба да се спроведат така што ќе има постепен пораст на придонесите и постепено зголемување на старосната граница. Финансиската консолидација би се очекувала во следните пет до десет години. Според даночниот експерт Павле Гацов, потребно е трошокот од порастот на придонеси потенцијално да се подели помеѓу работодавачот и работникот. Ефектите од намалувањето на придонесите, подвлече Гацов, генерално отидоа кај работодавачите.Со намалувањето на придонесите разликата не ја добивал работникот, туку работодавачот.
„Во врска со ова прашање беа направени правени три симулации на сценарија. Најповолна се покажа симулацијата која предвидува товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерации, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање. Во таа смисла, порастот треба да е скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка за вработените во трудово – интензивните сектори и лицата со стаж подолг од 35 години“, истакна Благица Петрески од „Фајнанс тинк“.
Како што беше образложено на денешниот настан, ефектите од симулираните сценарија покажале дека предложените реформи може значајно да го намалат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), и по пет години би се движел од 1,5 до 3,1 проценти од БДП, и од 0,7 до 3,3 проценти од БДП до 20 години.
Фискалните заштеди од реформите се движат од 10 до 193 милиони евра на годишна основа до 5 години, и до 403 милиони евра до 20 години. Дефицитот во пензискиот систем во Македонија – разликата помеѓу изворните приходи и вкупните расходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – има тренд на раст, и во 2016 година достигна 26,6 милијарди денари, или 43 проценти од вкупните расходи на Фондот. Причина за ова е издвојувањето средства од пензиските придонеси и во вториот столб, односно приватните пензиски фондови, но и несоодветното зголемување на пензиите во изминатите години.
М.В