/Прочитано:

227

Државниот инспекторат за труд ќе проверува кои компании не исплатиле К-15

„Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор, К-15, и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска“, соопштуваат од Владата.

Државниот инспекторат за труд е орган кој во согласност со закон е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со закон и колективен договор.

Од Инспекторатот на крајот на 2018 година соопштија дека во рамките на планираните активности во текот на јануари и февруари 2019 година, покрај кај другите правни субјекти, ќе се изврши инспекциски надзор кај сите правни субјекти во областа на производство на текстил и чевли.

„При инспекцискиот надзор ќе се проверува исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), што е право утврдено со Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, во која е утврдено дека  работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Инспекцискиот надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на претставки во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде што ќе се утврди дека не е постапено во согласност со законот и колективните догори, ДИТ ќе преземе мерки во согласност со законот“, истакнаа од Државниот инспекторат за труд

Инаку, во согласност со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со Колективниот договор.

Во членот 166 од Кривичниот законик, кој се однесува на повреда на правата од работен однос, се пропишува дека тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година.

За непочитувањето на исплатата на регресот за годишен одмор, континуирано алармираат од Хелсиншкиот комитет. Во изминатите две години Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрирал голем број случаи во кои работодавачите на своите вработени не им исплатиле или пак им исплатиле многу низок износ на регрес за годишен одмор (К-15).

„Најчесто стануваше збор за исплата на регрес за годишен одмор во висина од 500 и 1000 денари, а голем број на работнички кои користеле породилно отсуство беа лишени од правото на регрес за годишен одмор и не им беше исплатен, спротивно на одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, појаснуваат од Комитетот.

Работниците да пријавуваат прекршувања на правата од работен однос и неисплата на К-15

Работничките и работниците кои користат отсуство поради бременост имаат право на регрес за годишен одмор

Погрешно толкување и примена на одредбите за регрес за годишен одмор за оние кои користеле породилно отсуство

Нејасните закони, големите глоби и двојните казни – проблем за работењето на фирмите

M.В