/ Прочитано:

1.264

Државниот советник за труд Трајанов за најновите измени на Законот за работните односи — трите клучни точки на кои треба да обрнете внимание

Петок, 1 март 2013 – Најновите измени на Законот за работните односи неодамна влегоа во сила, клучни се три измени посочува Стојан Трајанов, државен советник за труд во Министерството за труд и социјална политика – дополнување на постапката за пријавување и одјавување на работници, поконкретно уредување на прашањата врзани со сезонската работа и зголемени казни за оние коишто не го почитуваат Законот.

Измените на Законот за работните односи предвидени со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник бр. 166/2012) влегоа на сила на 19 февруари 2013 година. Дел од законските измени кои се содржани во 37 члена за Академик ги oбјаснува државниот советник за труд Стојан Трајанов.

– Најбитните измени се однесуваат на тоа дека е извршена промена и допрецизирање на делот од одредбите од Законот за работните односи коишто се однесуваат на вработувањето на работници преку дополнување на посебните услови и на начинот на постапката на пријавување и одјавување на работници. Со измените е предвидено истото да се прави по електронски пат со М1 и М2 образец, или непосредно во АВРМ на денот на склучување на договорот за вработување со пополнување на посебен ППР образец кој може да се најде во електронска и хард-копи форма во Агенција за вработување на РМ (АВРМ). АВРМ исто така има подготвено и нов М1 и М2 образец во електронска форма со цел спречат одредени злоупотреби и манипулации во примената на Законот, посочува Трајанов.

Државниот советник за труд укажува дека втората покрупна промена се однесува на сезонските работници во Македонија.

– Таму се дефинира поконкретно што е сезонска работа,  поконкретно се уредуваат и прашањата во врска со сезонската работа во смисла на условите за пробна работа, условите за откажување на договор за вработување, условите за прекувремена работа, распоредот на работното време на сезонските работници, како и кои работници не можат да бидат ангажирани  како сезонски работници подолго од полното работно време во функција на обезбедувањето на посебна заштита на одредени целни групи, вели тој.

Според Трајанов многу е битно да се обрне внимание и на членот 259 кој се смени во целост, а се однесува на забраната за вршење на работи на работодавачот.

– Се зајакнува одговорноста во врска со изрекувањето на прекршочни санкции кон работодавците коишто нема да го почитуваат работното време и непријавувањето на работници, односно кои ќе овозможат да работат работници без склучување на договор. Во таа смисла, зголемен е износот на паричните казни, односно утврдените глоби. Дополнително се утврдуваат  и нови случаи на прекршоци за глоби, се врши санкционирање  и превенирање на состојбите, како и поголемо санкционирање и повисок износ на глоби за повторување на случаите на непријавувањето на работници. Меѓу другото се поедноставува и постапката  при изрекувањето на глобите, а тоа е во функција на превентивно делување, но и зајакнување на одговорноста за евентуално непочитување на Законот. Се разбира дека никој нема да биде казнет ако се придржува кон Законот и го почитува. Законот важи за сите еднакво, дециден е државниот советник  за труд.

Трајанов потенцира дека има и измени кои се однесуваат на одредбата за престанокот на работниот однос со спогодба која досега во практиката создаваше најголеми проблеми и потешкотии и во примената на Законот од аспект на заштитата на вработените во ваквите случаи. Додава дека допрецизирања има и кај одредени одредби или институти, но кој главно значат дополнување со цел одредбите да бидат појасни и да не создаваат основа за различно толкување и примена во практиката.

По однос на историјатот за донесувањето на овие измени, Трајанов вели дека имало повеќе иницијативи за измени и дополнувања на Законот покренати уште минатата година.

– Иницијативи имаше од страна  од АВРМ  во делот и надлежностите што спаѓаат во нејзините рамки, од Организацијата на работодаците коишто претходно ги разгледа  Економско-социјалниот совет, а свои мислења и  забелешки дадоа и синдикатите. Делот од измените, пак,  кои се однесуваат на сезонската работа произлегуваат од еден посебен проект кој го имплементираше претходно Владата на РМ заедно со претставници на бизнис заедниците и одреден проект на Светската банка којшто се однесуваше на сезонското работење и сивата економија. Одредени иницијативи се од страна на Државниот инспекторат за трудот врз основа на нивните сознанија искуства по однос на примената на Законот. Соодветно на тоа беа направени овие измени  и дополнувања на Законот за работни односи, а дел од нив беа и од аспект на искуството на судската пракса во насока на одредени дополнувања и допрецизирања или терминолошки подобрувања на одредени делови или институти за да се има поголема јасност во примената на Законот и да нема различни толкувања, заклучува, државниот советник за труд во Министерството за труд и социјална политика Стојан Трајанов.

>> Консолидираниот текст на Законот за работните односи можете да го проследите на akademika.com.mk.