/ Прочитано:

1.730

Државниот завод за статистика за демографијата на претпријатијата

Државниот завод за статистика објави соопштение за демографијата на претпријатијата за 2015 година.

Новосоздадени претпријатија, 2015 година

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година се регистрирани 6 877 новосоздадени претпријатија што претставува 10.3% од вкупно активните претпријатија во Република Македонија чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД Рев.2 припаѓа во секторите на дејност (од Б до О1). Во однос на 2014 година, забележанo е намалување од 4.0%.

Гледано по сектори на дејност, најголем дел од новосоздадените претпријатија (30.7%) се во секторот трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следуваат секторите преработувачка индустрија со 12.2%, објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 11.5% и други услужни дејности со 9.5%.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија, според правната форма, покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (70.1%), иако и кај нив е забележано намалување од 4.8% во однос на претходната година.

Згаснати претпријатија, 2015 година

Прелиминарните податоци за згаснатите претпријатија покажуваат дека во 2015 година згаснале 9.3%, односно 6 249 претпријатија, од вкупниот број претпријатија.

Најголем дел од згаснатите претпријатија (35.7%) припаѓаат на секторот трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма, најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Новосоздадени претпријатија во периодот 2010-2014 кои преживеале во 2015 година

32.7% од новосоздадените претпријатија во 2010 година сè уште биле активни во 2015 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија кои припаѓаат на секторот дејности на здравствена и социјална заштита (72.5%), а од областа на бизнис економијата – стручни, научни и технички дејности (54.2%).

Во 2015 година биле активни 40.8% од новосоздадените претпријатија во 2011 година, 43.6% од новосоздадените во 2012 година, 67.2% од новосоздадените во 2013 и 81.3% од новосоздадените во 2014. Притоа, најголема стапка на преживување имале новосоздадените претпријатија од секторот финансиски дејности и дејности на осигурување (во 2011 и 2014 година), односно од секторот стручни, научни и технички дејности (2012 год.), додека кај новосоздадените претпријатија во 2013 година, тоа се претпријатијата од секторот oбразование.

M.В